„Сега, три месеци пред истекот на вашата лична карта, ние автоматски ви испраќаме на вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата имејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк“, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, објаснувајќи ја функционалноста на „е-сандаче“

Со воведувањето „е-сандаче“ државата може директно електронски да комуницира со граѓаните за опомени, документи, предупредувања за истекување на одредени рокови, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. „Е-сандаче“, рече Андоновски, значи државен инбокс и електронска адреса на граѓаните во дигиталниот свет, а идејата е да се искористи за директна комуникација со граѓаните и тогаш кога тие немаат побарано услуга. Периодов проектот е во тест-фаза, во која системот успешно се справил со автоматско испраќање информација за истекување лични карти.
„Сега, три месеци пред истекот на вашата лична карта, ние автоматски ви испраќаме на вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата имејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк. На овој начин сакавме да покажеме колку е ефикасен овој модел и за 300 000 граѓани тоа веќе е овозможено затоа што се корисници на националниот портал“,
вели Андоновски.
Министерот дообјаснува дека пораката што стигнува до граѓаните содржи линк кој го носи корисникот кон страницата на која се закажува термин за обновување лична карта.

„Е-сандачето“, според министерот, ќе понуди и други можности за граѓаните и за институциите.
„Можностите се неограничени и ова е една од обврските на дигиталната декада, затоа што значи дека државата директно електронски комуницира со граѓаните. Каде отишле државите коишто порано го започнале овој процес? Доставата на документи да се врши целосно електронски на овој начин за оние граѓани кои го имаат електронското сандаче“,
вели тој.
Говорејќи за „е-киоск“, тој рече оти тие треба да се сфатат како машини кои ќе им овозможат на корисниците да добијат услуга директно, без да комуницираат со државниот апарат или без да го користат Националниот портал за услуги, односно луѓето што дома немаат интернет, принтер или компјутер, на кој било киоск ќе можат со неколку клика да дојдат до потребната услуга и да платат веднаш. Во моментов, има само еден функционален „е-киоск“ кој се наоѓа во Министерството за дигитална трансформација, а очекувањата се дека во февруари ќе пристигнат и други апарати што ќе бидат поставени на фреквентни локации.
„Сметавме дека ова ќе биде нова додадена вредност затоа што во градовите каде што немаме центри за услуги, или на местата коишто имаат голема фреквенција на граѓани, можете да ја користите брзо оваа услуга 24 часа, седум дена во неделата. Не зависите ни од работно време, ни дали некој вработен може да ве услужи и ќе ги намалиме и метежите коишто се создаваат“,
рече министерот.
На прашањето зошто работите се најавуваат пред да станат функционални, Андоновски рече оти тоа е пракса во дигитализацијата, бидејќи не може да се објави нешто што не е тестирано, додека, пак, тестирањето се врши најдобро кога граѓаните ќе можат да го видат тоа. Како пример го посочи настанот на кој беше промовирана оваа опција, а трите киосци кои биле активни издале 1 500 услуги.
„Но, се случува да кочат, да не издаваат соодветен документ или на неправилен начин да го печатат… се појавува некое блокирање во самиот киоск, интернет-конекцијата ја тестираме… Така што, ни треба да ги тестираме овие работи за да можеме да ги пласираме и да бидеме 100% сигурни дека ќе функционираат. Со секој дигитален производ праксата е иста и планираме и во наредниот период на истиот начин да функционираме“,
заклучи Андоновски.
