
СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје.
Oколу 11:30 часот патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 18-годишник, удрило во Љ. Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а тинејџерот со возилото избега од местото на настанот.
Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 45-годишен маж од Скопје, а управувано од неговиот 18-годишен син.
Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму бил затекнат 6-годишен маж кој веднаш бил приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор.
Утврдено е дека возачот и неговиот татко со помош на две лица на возраст од 45, односно 53 години од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден.
Помагачите се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело помагање на сторител во извршено кривично дело по чл. 365 ст. 2, а во врска со чл. 300 и 301 од КЗ.
Против 18-годишниот возач е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по чл. 300 ст. 2, а во врска со чл. 297 ст. 1 од КЗ, и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по чл. 301 ст. 2, а во врска со чл. 300 ст. 2 од КЗ, и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на неговиот татко.
За двете лица е распишана потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое синот и таткото ја напуштиле државата.
И двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка.
