Од Министерството за надворешни работи на Бугарија наведуваат дека прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Скопје е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи
Мицкоски во саботата изјави дека Акцискиот план за правата на малцинствата е изготвен, но оти наишол на забелешки, односно не бил прифатен од Бугарија. Вчера, одговарајќи на новинарски прашања даде поопширно објаснување на оваа тема, наведувајќи дека главната забелешка на Софија била тоа што документот бил напишан на македонски јазик
Официјална Софија се огласи во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците подготвен од македонската влада, изразувајќи притоа загриженост за, како што велат од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), последните измислени тези од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензуз од 2022 година“.

Реакцијата на бугарското МНР доаѓа по изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дадени викендот, во кои тој наведе дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија (ЕУ).
Според Мицкоски, Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што има забелешки на документот, а тие, како што кажа вчера, се однесуваат на тоа што Планот е напишан на македонски јазик.
Од друга страна, во соопштението на бугарското МНР објавено на официјалната веб-страница, се вели дека прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на малцинствата и заедниците што се очекува од Скопје е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопјe да им го претстави нацрт-планот на своите граѓани на англиски јазик е тешко за објаснување, особено ако се планира Планот да биде реално спроведен“,
се вели во соопштението на бугарското МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија, во соопштението наведуваат дека Планот за правата на заедниците е чекор што треба да следи по внесувањето на Бугарите во Уставот во земјава, што сè уште претостои да биде направено и што ќе ѝ овозможи на С Македонија да ги отвори преговорите за пристапување.
Бугарското МНР, како што се додава, во исто време ги поздравува зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „во Планот ќе бидат внесени сите други забелешки“ на бугарската заедница и оти сметаат дека тој ќе си го одржи ова ветување кон нив.
Претставникот на бугарската организација „Балкански мост“ од Велес, во изјава за БГНЕС, вели дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјава е само првиот чекор од европскиот компромис од 2022 година, кој сам по себе не обезбедува нивна заштита. Тоа, според него, треба да го постигне Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците, во кој, како што вели, Скопје мора да ги истакне проблемите, мерките, финансирањето, контролните механизми и индикаторите за успех.
Јошевски наведува дека нацртот на Акцискиот план го добиле на англиски јазик и им биле дадени четири дена да се запознаат со него. Според него има загриженост за јазични грешки во преводот.
Инаку, Мицкоски во саботата изјави дека Акцискиот план за правата на малцинствата е изготвен, но оти наишол на забелешки, односно не бил прифатен од Бугарија. Вчера, одговарајќи на новинарски прашања даде поопширно објаснување на оваа тема, наведувајќи дека главната забелешка на Софија била што документот бил напишан на македонски јазик.
Притоа тој кажа оти жали што Бугарија уште еднаш ја испуштила шансата да биде добра сосетка.
Мицкоски изјави дека за однесувањето на Софија ги предупредил и партнерите во Брисел, на кои, според него, им било кажано дека земјава и да го направи најдобриот акциски план, тој би бил одбиен од Бугарија.
Според премиерот, од Брисел било сугерирано Планот да биде направен со вклучување на најдобрите експерти од Советот на Европа и да се постапи онака како што тие сугерираат, а прашањето како тоа потоа би се решило со Бугарија да ѝ го остават на ЕУ.

„Препорачано беше да се усвои и на Влада и од страна на парламентот, како и за него да има јавна дебата. Ние така направивме, во изготвувањето на овој Акциски план учествуваше врвен и признат експерт, Италијанка. Како што беше побарано, така направивме и за неговата содржина. Го дадовме однапред. Е, сега им пречело што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не не можам како претседател на влада, ниту, пак, министерот (за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски н.з.), да го кршиме Уставот“,
изјави вчера Мицкоски.
Во однос на забелешките на Бугарија за Акцискиот план, Мицкоски изјави дека јазикот на кој е напишан бил главната, додека другите споредни, односно, како што кажа, небитни.
„Еве, сè ќе прифатиме, сите други забелешки. Нормално, не внес (на Бугарите н.з.) во Устав, иако тоа не е во Акцискиот план. Сите други забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин јазик“,
изјави Мицкоски.
