Бонди на социјалната мрежа Икс напиша дека „Мадуро наскоро ќе се соочи со целиот гнев на американската правда на американска почва, во американските судови“
Главната обвинителка на Соединетите Американски Држави (САД), Пам Бонди денеска соопшти дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се обвинети за повеќе кривични дела поврзани со дрога и оружје, пренесува Си-ен-ен.

Таа на социјалната мрежа Икс напиша дека „Мадуро наскоро ќе се соочи со целиот гнев на американската правда на американска почва, во американските судови“.
Мадуро, како наведе, е обвинет за заговор во рамките на наркотероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување оружје и деструктивни направи, како и заговор за поседување оружје и деструктивни направи против Соединетите Американски Држави.
Сепак, Бонди не посочи за што конкретно е обвинета сопругата на Мадуро.
„Во име на целото Министерство за правда на САД, би сакала да му се заблагодарам на претседателот Трамп за храброста да побара одговорност во име на американскиот народ и огромна благодарност до нашата храбра војска која ја спроведе неверојатната и многу успешна мисија за фаќање на овие две лица што тргуваат со наркотици“,
напиша таа на Икс.
Nicolas Maduro and his wife, Cilia Flores, have been indicted in the Southern District of New York. Nicolas Maduro has been charged with Narco-Terrorism Conspiracy, Cocaine Importation Conspiracy, Possession of Machineguns and Destructive Devices, and Conspiracy to Possess…
— Attorney General Pamela Bondi (@AGPamBondi) January 3, 2026
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) извршиле голем воздушен напад врз Венецуела, како и дека го заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга во операција спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот.
Како што напиша Трамп, „венецуелскиот лидер Мадуро е заробен и изнесен од земјата“.
Владата на Венецуела ги обвини САД за започнување серија напади врз цивилни и воени цели во јужноамериканската земја, откако утрово експлозии го потресоа главниот град, Каракас.
Инаку, САД ја засилија својата воена кампања во последните месеци против наводниот шверц со дрога поврзан со Венецуела, а беше таргетирано и пристаниште.
Мадуро пред само неколку дена во новогодишно интервју изјави дека е отворен за преговори со САД, истовремено предупредувајќи дека Вашингтон сака насилно да ја преземе контролата врз венецуелската нафта.
Венецуелските власти денеска соопштија дека немаат информации каде се наоѓаат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, и оти бараат итен доказ дека тие се живи.
Поврзани вести:
- Венецуелските власти не знаат каде се наоѓаат Мадуро и неговата сопруга – бараат доказ дека се живи
- Мадуро е уапсен за да му се суди во САД – му рекол Рубио на американски сенатор
- Трамп потврди дека САД ја нападнале Венецуела: Мадуро е заробен и изнесен од земјата
- (ВИДЕО) Експлозии во главниот град на Венецуела, Мадуро прогласи вонредна состојба во земјата
- Трамп наредил напади врз Венецуела, објави Си-би-ес њуз
