Прашана дали утврдиле од што доаѓа загадувањето во Град Скопје, дали од тешката индустрија, Гиновска рече дека индустријата секако загадува и оти сè што излегува од оџаците е загадување. Сепак, таа се повика на студија изработена од експерти и која се однесува на пет града каде што е вршено мерење и која покажува дека најголемо влијание врз амбиенталниот воздух во Скопје имаат домаќинствата, потоа се автомобилите и на трето место е индустријата

Различни државни инспектори минатата година во цементарница „Титан-Усје“ извршиле шест надзори, од кои два редовни и четири вонредни инспекциски контроли, информираше денеска директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска. Последните вонредни надзори биле извршени на 18 ноември во 22 часот со инспектор за животна средина од Град Скопје и на 18 декември со инспектор за животна средина од Општина Кисела Вода.
Притоа, како што рече Гиновска, не се утврдени неправилности во работата на овој правен субјект.
Таа додаде дека изминатиот период била направена вечерна ненајавена контрола со инспектори од други градови и пишувачите на дозволата од Управата за животна средина, а биле реализирани и ненејавени вонредни мерења на емисии во воздухот со лабораторијата за животна средина при МЖСПП.
„Секој месец цементарницата доставува извештај за емисии во воздухот од сите емисиони точки. Исто така, двапати годишно доставува извештај од мерења кои ги извршува акредитирана лабораторија“,
рече директорката на прес-конференција на која беше и директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски и владината портпаролка Марија Митева.
Гиновска потенцира дека надзорите продолжуваат континуирано и на секои 15 дена државниот инспекторат доставува извештај до работната група која е формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање и го следи спроведувањето на Акцискиот план.
Директорот на Управата за животна средина Игор Никоски, образложувајќи ја постапката за издавањето на А-интегрирана еколошка дозвола, кажа дека на цементарницата на 7.3.2011 година е издадена А-дозвола за усогласување со оперативен план.
„На 22.3.2013 година издадена е интегрирана А-дозвола за усогласување со оперативен план во која дозвола е одобрено користење на алтернативни горива. По спроведување на целосната постапка на 12.3.2020 година издадена е А-интегрирана еколошка дозвола која има важност седум години. Најдоцна една година пред истекот на важноста операторот е должен да поднесе барање за обвновување на дозволата. Најдоцна до 12.3.2026 година Цементарница треба да достави барање за обновување на А-интегрирана еколошка дозвола“,
рече Никоски.

Директорот Никоски подвлече дека од крајот на 2018 година цементарница „Усје“ почнува да користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена од 15 отсто.
На новинарска забелешка дали може да се резимира дека Усје не загадува, директорката Гиновска одговори спротивно.
„Не кажав дека цементарница ‘Усје’ не загадува или дека другите 40 А-интегрирани еколошки дозволи на територијата на Град Скопје не загадуваат. Половина од индустриските капацитети не работат во зимскиот период, А-интегрирани дозволи имаат и асфалтните бази кои поради временските услови не се во работа и не може да придонесат за емисии во воздухот за загадување во овој период од годината“,
рече Гиновска.
Таа додаде дека на 20.12.2025 година имале добиено известување од цементарница дека имаат ремонт на печка четири и оти работат со половина капацитет.
„Тоа обично го прават во зимскиот период бидејќи тогаш побарувачката им е помала и вршат ремонти на печките три и четири“,
додаде таа.
Гиновска кажа и дека инспекторите на министерството вршат контрола само над дозволата што им е издадена.
„Точно е дека ‘Усје’ има 24-часовен мониторинг со посебен уред од германска акредитирана лабораторија и не се во можност тие самите да си ги штелуваат бројките и податоците ги објавуваат на нивната страна“,
рече Гиновска.
Прашана дали утврдиле од што доаѓа загадувањето во Град Скопје, дали од тешката индустрија, Гиновска рече дека индустријата секако загадува и оти се што излегува во оџаците е загадување. Сепак, таа се повика на студија изработена од експерти и која се однесува на пет града каде е вршено мерење и која покажува дека најголемо влијание врз амбиентниот воздух во Скопје имаат домаќинствата,потоа се автомобилите и на трето место е индустријата.
„Не се амнестираме од тоа дека индустријата не загадува, сакаме да кажеме дека не е водилка во овој процес на аерозагадување кој е децениски“,
одговори таа.
Според неа, А-интегрираната еколошка дозвола на Цементарница Усје не може да и биде одземена поради тоа што не биле регистрирани три последователни прекршувања утврдени од Државниот инспекторат за животна средина, а кои ќе бидат докажани.
Гиновска додадеи дека во моментов има околу 120 правни субјекти со активна А-интегрирани дозвола, согласно Регистарот што го води Управата за животна средина, а на територија на Град Скопје се околу 40.
На заедничката прес-конференција, портпаролката на Владата Марија Митева потенцира дека целта е транспарентно да ја информираат јавноста за тоа како институциите постапуваат и какви мерки се преземаат за унапредуваат за заштита на здравјето на граѓаните.
Во однос на одлуката на Град Скопје за дислокација на Цементарница Усје, владината портпаролка беше прашана врз основа на која правна основа тоа би се направило ако се знае дека немало прекршувања и не може да и биде одземена дозволата.
„Едно е она што ќе се усвои од Град Скопје, а друго е како Владата пристапува кон решавање на проблемите, како разговара и кои се институциите што треба да ги преземат соодветните мерки за да дојдеме до решение. Ние рековме дека ќе ги разгледаме сите можност што стојат на располагање. Очекувам дека детално ќе бидеме посветени на ова прашање“,
рече Митева.
Инаку, како што рече директорката Гиновска, до 20 декември 2025 година биле реализирани 1 700 инспекциски надзори за амбиентален воздух, од кои 839 редовни, 532 вонредни и 329 контролни инспекциски надзори.
„Утврдени се 398 неправилности и издадени се исто толку решенија во инспекциската постапка. Покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки“,
кажа таа.
Гиновска соопшти дека од 1 ноември до денеска се спроведени над 55 инспекциски надзори на територија на цела држава во инсталации каде има влијане врз животната средина преку емисии во воздухот. Издадени се 20 решенија и три забрани за работа.
