Обвинетите службени лица во РЕК „Битола“ спровеле тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК „Битола“ со цел воспоставување нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако таквиот систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК
Првообвинетиот сопственик на фирмата која го добила тендерот, двајца вработени и фирмата се обвинети за злоупотреба на постапка за јавен повик бидејќи свесно потпишале и поднеле лажна документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, а незавршената обврска ја наплаќале врз основа на лажната документација
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице поради злоупотреби на јавни набавки во Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“. Меѓу обвинетите се петмина службени лица – директори и раководители во подружници во РЕК „Битола“, кои во текот на 2023 година, заедно со тогашниот директор на комбинатот, извршиле злоупотреба на службената положба и овластување.

Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека обвинетите службени лица во РЕК „Битола“ распишале и спровеле тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК „Битола“ со цел воспоставување нов транспортен систем за рудата во РЕК. Тие ја спровеле јавната набавка иако знаеле дека таквиот систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК.
„Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа ѝ овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90 000 000 денари без ДДВ (106 200 000 денари со вклучен ДДВ)“,
наведуваат од Обвинителството.
Првообвинетиот сопственик на фирмата која го добила тендерот, двајца вработени и самото правно лице се обвинети за злоупотреба на постапка за јавен повик бидејќи свесно потпишале и поднеле лажна документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлена во кругот на РЕК „Битола“, а незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација.
„Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК ‘Битола’, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК ‘Битола’ да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик“,
додаваат од Обвинителството.
Во текот на постапката, користејќи меѓународна правна помош, Обвинителството успеало да лоцира и да обезбеди 1,2 милион евра од вкупниот износ од околу 1,7 милиони евра кој ѝ бил исплатен на компанијата. Обезбедени се 1 000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот и над 500 000 евра на сметки во домашни банки. Замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот.
„Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка“,
посочуваат од Обвинителството.
Иако од Обвинителството изрично не наведуваат, извесно е дека станува збор за фирмата „Марковски компани“, чиј сопственик Борче Марковски е првообвинет во случајот и моментално е во притвор. На барање на ОЈО Битола, српските власти во октомври лани наредија замрзнување имот на фирма во Белград поврзана со Марковски.
Доскорешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ во ноември минатата година изјави дека е отворен сефот на Марковски во Србија откако Обвинителството во рамки на истрагата побара српските власти да обезбедат и отворат сеф што македонскиот бизнисмен го поседувал во српска банка.
