Денешната блокада доаѓа по период од четири дена во кои преминот беше отворен за сообраќај
Граничниот премин „Евзони“ од 11:00 часот, денеска, повторно е во целосен прекин за сите видови сообраќај. Причина за блокадата е продолжувањето на протестите на грчките земјоделци, кои со својата механизација ги оневозможуваат влезот и излезот од Грција, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Денешната блокада доаѓа по период од четири дена во кои преминот беше отворен за сообраќај, откако земјоделците привремено ги повлекоа тракторите по претходните предупредувачки протести. Грчките фармери веќе подолг период ја блокираат оваа клучна сообраќајница на интервали, изразувајќи го својот револт од зголемените трошоци за производство и новите земјоделски политики на ЕУ.
Додека на „Евзони“ владее застој, на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања. Сообраќајот на државните патишта низ земјата се одвива непречено, по претежно суви коловози и со умерен интензитет надвор од градските средини.
Од АМСМ апелираат за внимателно управување со возилата, особено низ котлините и клисурите, каде што е можна појава на одрони. Како најкритични точки се издвојуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде се препорачува строго почитување на сообраќајната сигнализација.
