Прашан што доколку не се најде политичка волја да се избере народен правобранител, Гаши вели дека треба да се најде алтернатива за други решенија
Зборувајќи за Законот за Судски совет, Гаши рече дека тој ќе биде на седница во вторник на 30 декември

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати апел до сите политички партии итно да изнајдат политичка волја за избор на народен правобранител, нагласувајќи дека е недозволиво оваа клучна институција толку долго да биде без прв човек.
На денешната средба со новинарите, Гаши појасни дека процедурата е заглавена поради немањето консензус за гласање по принципот на Бадентер, што е неопходно за избор на функцијата.
Иако Комисијата за избори и именувања веќе го предложи Фатон Сељами за нов Народен правобранител, владејачкото мнозинство има поддршка за кандидатот, но располага со најмногу 14 гласови по Бадентер, а недостасуваат гласовите на пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ.
„Ја користам оваа можност да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да седнат политичките актери да најдат решение. Пред сè да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари“,
изјави Гаши.
Прашан што доколку не се најде политичка волја да се избере народен правобранител, Гаши вели дека треба да се најдат други решенија.
„Но, мислам дека не се исцрпени сите политички капацитети да се најде компромис и затоа повикувам уште еднаш овие денови да се седне да се најде решение и мислам дека немаме толку големи разлики за да не можеме да одлучиме кој ќе биде народен правобранител“,
рече претседателот на Собранието.
Зборувајќи за Законот за Судски совет, Гаши рече дека тој ќе биде на седница во вторник на 30 декември.
„Законот за Судски совет е во второ читање, ставен е на седница во вторник, се надевам дека штом се изгласа, веднаш ќе имаме можност да го комплетираме составот на Судскиот совет. Чекаме предлози од претседателката, но исто така ние како Собрание, Комисијата за избори и именувања може да предложи член, така да се надевам дека од вторник натаму ќе можеме да пристапиме кон докомплетирање на составот“,
додаде Гаши.
Прашан дали предложениот член ќе оди по нови или по стари критериуми, Гаши рече дека тоа е компетенција на Комисијата за избори и именувања.
„Но, штом ќе имаме нов Закон, би требало да постапиме по него“,
рече тој.
Во Собранието сè уште не е формирана работна група за Изборниот законик и сè уште нема јасен став дали ќе се работи на комплетно нов документ или дали ќе се земе предвид веќе готовиот нацрт што го работеше работна група во Министерството за правда пред парламентарните избори. Гаши рече дека денеска ќе зборува со министерот за правда и оти работите ќе бидат појасни.
