Најизразени студени бранови со температури околу или под нормалните, како што се вели во Климатскиот осврт, се очекуваат од крајот на декември до средината на јануари и кон крајот на февруари
Во анализата се наведува дека маглата и застојот на воздухот ќе доведат до значително влошување на квалитетот на воздухот, со високи концентрации на загадувачки материи, особено во Скопската, Полошката и Струмичката Котлина

Најновите сезонски климатски изгледи за претстојната зима укажуваат на тоа дека Македонија ја очекува умерено топла и променлива сезона. Иако не се предвидуваат долготрајни екстремни студови, експертите велат дека ќе има снежни периоди и зголемени еколошки и хидролошки ризици.
Во Климатскиот осврт изработен од професорот Владо Спиридонов од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, се вели дека средната зимска температура ќе биде за околу еден Целзиусов степен над повеќегодишниот просек.
Во градовите Скопје и Штип се очекуваат температури од 1 до 4 Целзиусови степени, додека на планините, како Маврово, тие ќе се движат од 0 до минус 3 степени.
Во низините, бројот на мразни денови се очекува да бидат од 30 до 55, а на планините тој број ќе биде поголем – 60 до 75, додека ледените денови ќе бидат најчести на високите предели.
Најизразени студени бранови со температури околу или под нормалните, како што се вели во Климатскиот осврт, се очекуваат од крајот на декември до средината на јануари и кон крајот на февруари.

Врнежите ќе бидат во границите на просекот, но нерамномерно распределени. Планините во западниот и во северниот дел од Македонија (Шар Планина, Маврово, Баба) ќе имаат снежна покривка, но во градовите снегот ќе биде краткотраен, со чести премини од дожд во снег, пишува во анализата.
„Постои умерен ризик од локални поплави кон крајот на февруари и во март, особено во западните и југозападните сливови и по должината на поголемите реки, доколку дојде до нагло топење на снегот комбинирано со интензивни дождови“,
се вели во анализата изработена врз основа на светските модели на ECMWF и UKMO, како и податоците од УХМР.
Оваа зима, поради честите периоди на стабилен атмосферски притисок, во котлините ќе се создаваат т.н. температурни инверзии.
„Маглата и застојот на воздухот ќе доведат до значително влошување на квалитетот на воздухот, со високи концентрации на загадувачки материи, особено во Скопската, Полошката и Струмичката Котлина“,
се наведува во анализата.
Овие услови ќе имаат директно влијание врз неколку сектори како енергетиката, транспортот, здравството, водостопанството и земјоделството.
Експертите велат дека зимата 2025–2026 ќе бара навременото следење на ажурираните прогнози и координацијата меѓу институциите кои се клучни за минимизирање на потенцијалните штети.
