Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, посочи дека мнозинството уставни судии биле согласни дека ваквите законски интервенции претставуваат директен упад во финансиската независност на судската власт и се во спротивност со меѓународните стандарди
На денешната седница уставните судии одлучија да ја одложат расправата за Кривичниот законик, додека, пак, за линеарното зголемување на пензиите не успеаја да донесат одлука бидејќи резултатот од гласањето бил изедначен
Уставниот суд денеска донесе одлука да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на измените на Законот за платите на судиите, соопшти претседателот на Судот, Дарко Костадиновски по завршување на седницата и гласањето по понесените иницијативи, наведувајќи дека тоа е во насока на заштита на судската независност од извршната и законодавната власт.

Имено, уставните судии расправаа по иницијативите за поведување постапка за уставноста на измените на Законот, со кои беа намалени коефициентите за пресметка на судиските примања.
Иницијативите ги поднесоа судии и обвинители, а се однесуваа на измените на законите што Собранието ги направи во февруари 2024 година и со кои на судиите и на обвинителите коефициентите за пресметка на плата во просек им беа намалени за 0,5 процентни поени.
На прес-конференцијата по седницата, претседателот на Уставен образложувајќи ја одлуката за поведување постапка, рече дека платите на судиите не се техничко, туку статусно прашање, кое, како што кажа, според меѓународните стандарди не смее да се намалува дури ни во услови на економска криза.
Костадиновски посочи дека мнозинството уставни судии биле согласни дека ваквите законски интервенции претставуваат директен упад во финансиската независност на судската власт и се во спротивност со меѓународните стандарди.
Претходно, во дискусијата со уставните судии, тој се повика на препораките на Советот на Европа и на Европската повелба за статусот на судиите, според кои, како што рече, судските плати мора да бидат заштитени од намалување за време на мандатот на судијата и секоја земја членка треба да воведе посебни правила за заштита на овие примања.
„Општоприфатените норми на меѓународното право се применуваат на различен начин, дали се разработени во конвенции, дали во мислења и ставови на Советот на Европа или преку практиката на Европскиот суд за човекови права, или преку мислењата на Венецијанската комисија, тие создаваат стандарди. Кога тие ќе создадат стандарди, ние како Суд сме должни да ги почитуваме. Во конкретниот случај, за намалување на платите на судиите, постојат меѓународно прифатени стандарди. Сумирано, овие стандарди аплицирани на конкретниот случај значат гаранција против намалувањето на платите на судиите, но ова е уште поважно: сите овие меѓународни стандарди упатуваат дека платата на судиите не е техничко прашање, туку е статусно прашање нераскинливо врзано со нивната независност и самостојност. Значи, ако се допре во платата, според меѓународните стандарди, тоа значи навлегување во независноста и самостојноста на судиите“,
рече Костадиновски, пренесе МИА.
Игнорирањето на овие меѓународни стандарди при носењето на законските измени, претседателот на Уставниот суд, го оцени како некоректно и неисправно, со оглед на тоа што тие се дел од домашниот правен поредок.
Костадиновски појасни дека одлуката за платите на судиите не значи нивно зголемување, туку спречување понатамошно намалување.
„Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност“,
појасни тој.
Инаку, одлучувањето по иницијативите за платите на судии и обвинителите доаѓа во период кога сè уште се свежи изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и партијата на чие чело е – ВМРО-ДПМНЕ, дека носителите на судската власт не заслужуваат повисоки плати бидејќи не покажуваат резултати и имаат низок рејтинг кај граѓаните.
На седницата претходно, пак, уставните судии во рамките на дискусијата посочија на повреда на функционалната независност на судската власт, истакнувајќи дека иако законодавниот дом со закон ги одредува платите и надоместоците, во овој случај не се наведени оправдани причини за намалување на коефициентите, ниту во мислењето на Владата, ниту, пак, во самиот предлог-законот за измена на Законот за платите на судиите. На седницата тие нагласија дека секој закон мора да содржи образложение за фактите врз кои законодавецот се повикува при носење на одлуката.

На денешната седница, уставните судии одлучуваа и по други прашања, кои изминатиот период се актуелни во јавноста.
Така, во однос на измените на Кривичниот законик (КЗ), како што и се очекуваше, уставните судии одлучија да ја одложат расправата, бидејќи во Собранието се поднесени предлог измени на КЗ, што беше барање на Уставен кога во февруари годинава одлучи да поведе постапка за уставноста и законитоста на контроверзните измени Кривичниот законик од 6 септември 2023 година.
Имено, како што образложи Костадиновски, во формалната постапка на донесување е задоволено претходното решение на Судот, а за материјалната страна, односно дали новите измени се во согласност со Уставот и законите, ќе се произнесе кога тие ќе станат дел од позитивниот правен поредок.
Уставниот суд одлучи да поведе постапка и за одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, кои се однесуваат на начелото на јавност, односно на можноста за објавување и на неправосилни судски одлуки.
„Судот со мнозинство гласови одлучи дека тоа е дел од транспарентноста и дека е многу важен елемент за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем поради што поведе постапка“,
кажа Костадиновски.
Денеска на дневен ред за одлучување беше и линеарното зголемување на пензиите, за кое Уставниот суд поведе постапка на 20 ноември годинава. Сепак, поради изедначен резултат при гласањето, Судот не донесе конечна одлука, поради што како што кажа, Костадиновски, предметот ќе се разгледува по комплетирањето на судскиот состав. За потсетување Уставен работи со осум, наместо со девет судии, откако Управниот суд донесе пресуда со која го поништи изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка. Поради ваквата околност, се случува судиите да бидат изедначени при одлучувањето, односно гласањето по предметите.
„Во однос на пензиите Уставниот суд не донесе одлука. Како што знаете, Судот поведе постапка, изрази сомнеж во уставноста на одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, меѓутоа на денешната седница гласовите се поделија и резултатот е изедначен, што значи дека нема одлука. Таа одлука ќе чека до доаѓањето на нови судии. Знаете дека работиме со еден судија помалку, од први јануари ќе работиме со двајца судии помалку. Се надеваме дека и Судскиот совет и Собранието ќе си ја завршат на време својата работа, затоа што денеска ова не беше единствената одлука која не доби мнозинство. И на претходните седници ни се случува да се поделат гласовите, а одлучуваме за битни работи. Така што, овој предмет во однос на линеарното зголемување на пензиите ќе чека до доаѓањето на нови судии“,
кажа Костадиновски.
