„Анита Тополова-Исајловска е позната како обвинителка која бараше да се укине предметот ‚Талир‘, во кој беше обвинет и Никола Груевски, а се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од опозициската партија
Изборот на Анита Тополова-Исајловска за вршител на должноста државен јавен обвинител е уште еден доказ дека власта на премиерот Христијан Мицкоски брза да го стави под свои канџи обвинителството и судството. Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за вчерашната одлука на Советот на јавни обвинители со која Анита Тополова-Исајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител откако претходниот, Љупчо Коцевски, си поднесе неотповиклива оставка.

Според СДСМ, целта на ваквата одлука е целосна контрола над обвинителството и погребување на правдата за спас од одговорноста за криминалните тендери.
„Анита Тополова-Исајловска е позната како обвинителка која бараше да се укине предметот ‚Талир‘, во кој беше обвинет и Никола Груевски, а се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од СДСМ.
Затоа, како што додаваат оттаму, на сите треба да им е јасно што се случува.
„Исто како во времето на Груевски. Нема да ви помине, сите ќе одговарате. Работата не е завршена“,
пишува во соопштението од опозициската партија.
Анита Тополова-Исајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, на која таа беше единствен предложен кандидат.
Името на обвинителката Анита Тополова-Исајловска се споменуваше минатата година кога како јавна обвинителка во Републичкото јавно обвинителство од Врховниот суд бараше да падне обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Талир“.
Според неа, 106 снимки од прислушуваните разговори не треба да се третираат како докази во судскиот процес затоа што актуелниот Закон за јавно обвинителство предвидува тие да послужат само како индиции за обвиненијата поднесени по 30 јуни 2017 година. Обвинението за „Талир“ е поднесено во ноември 2018 година.
Таа во јуни 2024 година го потпишала барањето за вонреден правен лек (барање за заштита на законитоста) за предметот „Талир“, по иницијатива на еден од обвинетите во него.
Инаку, според ставот 4 од членот 25 на Законот за јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тој што ќе биде определен функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
