Миланов очекува по празниците да има средба со министерот и со советниците на премиерот за да поразговараат на темата и е оптимист дека кафилерија ќе имаме наскоро, а, како што потсетува, тоа е и еден од условите за преговорите со ЕУ

Интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија, но и на решавање на проблемот со немање гробишта за домашни миленици, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов. Тој очекува до средината на идната година да бидат договорени основите за локациите и инфраструктурата за кафилеријата и за гробиштата за миленици, по што треба да почне и практичната реализација на терен.
Според Миланов, досега повеќето миленичиња по смртта биле оставани од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и отпадот. Во однос, пак, на кафилеријата, предлогот се разгледувал уште од 2019 година, но не била најдена и утврдена соодветна локација.
Миланов вели дека се разгледува и опцијата секоја општина да има прифатилиште за бездомни кучиња.
Во текот на оваа недела Миланов вели дека ќе имаат состанок со министерот за локална самоуправа и со ЗЕЛС, на кој ќе се разговара овие прашања.
„Ќе се прават нови места, кои не се населени, надвор од урбаните средини и тоа ќе биде една од темите на состанокот – секоја општина, ако може, да има и прифатилиште и гробишта за миленици. Тоа ќе им биде укажано на градоначалниците“,
вели Миланов во изјава за МИА.
Во врска со кафилеријата, Миланов вели дека од 2019 година се разгледувал предлогот, но за шест години не е најдена соодветна локација.
„Најпрво беше Лозово, па Росоман. Советниците не дозволуваа поради недоволна едукација на населението. Мислеа дека труповите ќе се горат како во фабрика и дека ќе мириса многу, а всушност, се работи за херметички затворен простор. Сега ќе се оди кон јавно-приватно партнерство. Има и најнов модел како во повеќето европски држави – мобилна кафилерија која овозможува да се земе трупот, да се однесе на точно утврдена место и да се изгори“,
додава тој.
Миланов очекува по празниците да има средба со министерот и со советниците на премиерот за да поразговараат на темата.
Тој е оптимист дека кафилерија ќе имаме наскоро, а, како што потсетува, тоа е и еден од условите за преговорите со ЕУ.
„Би сакал тоа веднаш да се случи, очекувам до летото барем да ги поставиме темелите и да се почне, и со кафилеријата и со гробиштата за миленици. Во Скопје имаше предлог да се прави после Бардовци, но тоа треба да видиме со градоначалниците“,
вели Миланов.
Информира и дека е веќе изготвен законот за здравствeна заштита на животните со кој се опфатени и бездомните кучиња.
„Бездомните кучиња се голем проблем. Во Македонија ги има повеќе од 8 000. Мора да го решиме ова. Одржавме многу состаноци со 11 невладини организации, меѓу кои и ‘Анима мунди’ и ‘Лајка’, го усогласивме текстот. Ќе бидат предвидени казни за неодговорно сопствеништво, за водење куче без поводник на јавно место, особено големите ‘опасни’ раси. Ќе има и неколку трибини за новиот закон со граѓаните и со нашите инспектори од подрачните единици. Ќе бидат вклучени и ловечките друштва. Лично ќе наpравам напори законот да се донесе до крајот на оваа или почетокот на идната година“,
додава директорот на АХВ.
