Најчестите симптоми со кои доаѓаат пациентите, рече Мемеди, се со горнореспираторен инфект, како кашлица и течење на носот, црвени очи, висока телесна температура

Универзитетската клиника за детски болести во овој период бележи зголемен прилив на пациенти со респираторни симптоми. Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, денеска информира дека во текот на едно деноноќие се вршат меѓу 70 и 80 прегледи, а кај пет до шест деца неделно се изолира инфлуенца А.
Според Мемеди, состојбата е очекувана за овој период од годината кога вирусите почнуваат поинтензивно да циркулираат.
„Доминираат деца со полесна симптоматологија кои се третираат амбулантски. Сепак, доенчињата и помалите деца кои развиваат компликации како пневмонија или бронхиолит се задржуваат на болничко лекување и ја добиваат потребната медицинска нега“,
кажа Мемеди по показната вежба насловена „Да подариме насмевка” во која учествуваше тим од Црвениот крст на Град Скопје, кој им подели пакетчиња на хоспитализираните деца на Клиниката.
Тој потенцира дека аерозагадувањето дополнително ја влошува состојбата, особено кај помалите деца.
Најчести симптоми со кои доаѓаат пациентите, рече Мемеди, се со горнореспираторен инфект, како кашлица и течење на носот, црвени очи, висока телесна температура.
Со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусите, директорот на Детската клиника вели дека треба да се практикуваат превентивните мерки за хигиена и лична заштита, децата со симптоми да останат дома и да не посетуваат градинки или училишта и да се избегнува престој на места каде што има голема концентрација на луѓе.
