Таа додаде дека Албанија силно ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија и тоа, како што вели, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што нашата земја со јаки институции е сигурност за целиот регион

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со неговата албанска колешка, министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали. Оваа прва официјална посета на Спиропали на земјава, како што рече Муцунски, поминала во разговори за добрососедството, евроинтеграциите и унапредувањето на дипломатските односи.
Тој рече дека е најавено отворање на македонски генерален конзулат во Корча во текот на следната година, што доаѓа по веќе отворениот конзулат на Република Албанија во Струга.
Министерот Муцунски изрази благодарност за соработката во делот на заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.
„Културните врски меѓу двете земји се силни. Продолжуваме заеднички низ призмата на многу иницијативи коишто може да не обединуваат“,
истакна Муцунски нагласувајќи дека посетата на Спиропали е потврда за заедничките приоритети.
Министерката Спиропали рече дека кога две држави имаат заедничка желба и заеднички цели, наоѓаат време за посети и заедничка соработка во сите сфери, со цел да се подобри животот на граѓаните во двете земји.
„Географијата нè постави како соседи, историјата нè научи да бидеме пријатели, а економијата двете земји нè прави партнери“,
рече Спиропали.
Таа додаде дека Албанија силно ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија и тоа, како што вели, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што нашата земја со јаки институции е сигурност за целиот регион.
„Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, којшто е 33 проценти според последниот попис“,
истакна Спиропали потенцирајќи ја улогата на албанскиот народ во земјава.
Таа рече дека европската интеграција е број еден во надворешната политика на Албанија, но и на албанскиот народ.
„За нас во Албанија е големо постигнување е што за 13 месеци отворивме 34 поглавја. Особено во делот на правото, борбата против корупцијата и почитувањето на малцинствата. Уште еднаш се покажа дека нашиот пат е вистинскиот и дека европската иднина на Албанија е неделива од траекторијата на Западен Балкан“,
додаде таа.
Според неа, процесот кон ЕУ не е натпревар, туку заеднички пат кон природната припадност на нашите народи.
На новинарско прашање дали Албанија има точни податоци на Албанците од Македонија што бараат државјанство од Албанија со оглед на тоа што земјата е пред членство во ЕУ, Спиропали рече дека нема точен број на апликации и потврди дека земјата ќе ја запази процедурата што ја има за давање државјанство.
„Има одредена процедура во Република Албанија како се добива државјанство и тоа го почитуваме од точка до точка без притоа да влијаеме или да им пречиме на тие што ги исполнуваат критериумите и имаат желба да станат државјани на Албанија. Верувам дека Албаниците од Северна Македонија имаа желба за двојно државјанство и ова се гледа како верност кон нивната земја Северна Македонија, но без двоумење и кон државата Република Албанија“,
одговори Спиропали.
