Според премиерот, паралелено со разговорите за минималната плата мора да се работи на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал бидејќи така, како што рече, ќе се создадат услови за континуиран раст на платите без загрозување на работните места или конкурентноста на компаниите
Владата не е против зголемување на минималната плата, но зголемувањето мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски од денешната седница на Економско-социјалниот совет на која, меѓу другото, стана збор за минималната плата.

Според премиерот, паралелено со разговорите за минималната плата мора да се работи на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал бидејќи така, како што рече, ќе се создадат услови за континуиран раст на платите без загрозување на работните места или конкурентноста на компаниите.
„Растот мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија. Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително
рече Мицкоски и додаде:
„Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард.“
Премиерот додаде дека Владата ќе биде активен партнер во однос на прашањето за минималната плата, додавајќи дека ќе ги поддржи сите решенија што се правични, економски издржани и консензуално договорени.
„Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“,
додаде Мицкоски.
Целта на Владата, како што рече, е создавање посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.
