Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најавува почеток на разговори за безвизен режим со САД

Фокусирани сме на отпочнување разговори за „Visa Waiver“, односно безвизен режим со САД – вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Очекувањата се, како што вели Муцунски, прашањето да се отвори за време на Стратешкиот дијалог во Вашингтон во првата половина на 2026 година.
„Отпочнувањето на разговорите е нешто што го бараме 15-20 години наназад, коешто не ни е овозможено досега. Тоа не значи дека во истиот момент ќе нема визи со Соединетите Американски Држави – преговорите по однос на ‘Visa Waiver’ програмата се преговори коишто траат прилично долго, неколку години, бараат голем ангажман од нашите институции, но тоа е едно прашање за коешто ние работиме во првата половина од 2026 година да ги отпочнеме разговорите. Во меѓувреме, имаме дискусии со повеќе американски компании коишто нè гледаат нас како пазар за евентуални инвестиции. Клучното тука е што нашиот фокус на привлекување странски директни инвестиции е насочен кон диверзификација на инвестициите коишто ги бараме. И знаеме сите многу добро дека во овој момент барем примарната индустрија присутна во ТИРЗ е автомобилската индустрија, но разгледуваме и во моментот комуницираме со неколку американски компании. Така што, ќе има конкретно, но да се вратиме на вашето прашање – тоа е и фокусот на оваа администрација: соработка во делот на безбедносните прашања, да имаме стабилен регион каде што безбедноста е предвидлива, и соработка во рамките на економијата и трговијата“,
посочува Муцунски.
Во однос на прашањето за односот на САД кон регионот и Европската унија, во контекст на различните документи што излегуваат од Белата куќа и од Капитол хил (Претставничкиот дом и Сенатот на САД), Муцунски вели дека различните приоди во надворешената политика на САД не се нешто невообичаено.
„Не е нешто ново во Соединетите Американски Држави од Капитол Хил да доаѓаат различни гледишта по однос на надворешната политика од тоа што го имаме од Стејт Департментот, или од тоа што го имаме од Белата куќа, или од тоа што доаѓа од Советот за национална безбедност во рамките на Белата куќа. Дали во моментот има еден можеби малку повисок степен на дискрепанца по одредени прашања? Па, можеби – да, а некои би рекле и можеби не, бидејќи и во овој документ којшто произлезе од Капитол Хил за којшто вие зборувате (Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан), исто така се гледа силен фокус на економијата, на трговијата, на меѓусебните економски односи, како што се гледа и во стратегијата којашто произлезе од извршната власт“,
додава Муцунски.
Прашан за делот од Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан во којшто се повикува на дополнителни американски инвестиции за реформа на правосудните системи, борбата против корупција и поддршка за силно граѓанско општество и независни медиуми, министерот посочува – не значи дека администрацијата на Трамп ќе има ист пристап како претходните.
„Главен фокус на оваа администрација, барем тоа што јас го гледам, е прво безбедноста, стабилноста, и второ – силна соработка и ефикасна соработка во делот на економијата, трговијата, инвестициите. И Соединетите Американски Држави, доколку сакаат, а сакаат регионот да биде стабилен и отпорен на влијанија на трети страни коишто можат да создадат негативен импакт во регионот – тука примарно фокусот е очигледно и по овие две стратегии на две држави: отпорност од Русија и од Кина. А од друга гледна точка, ако сакаат да ги подобрат инвестициите, трговијата, тогаш природно е дека ќе ни помогнат во градење на силни институции, во градење на правосудни и административни системи коишто се отпорни на корупцијата. Така што, за мене не се контрадикторни ставот на администрацијата, тоа што го гледаме во моментот од Конгресот (односно од Претставничкиот дом и од Сенатот) и тоа што го гледаме преточено во овие две стратегии, коишто не се единствени стратегии за кои треба да имаме ние голем интерес. Има и две стратегии во најава: стратегијата во делот на одбранбената политика и стратегијата во делот на безбедносното позиционирање на САД. Тие се два документи коишто се очекува во следните неколку недели, а можеби и месеци да излезат, бидејќи можат да имаат големо влијание во делот на нашите позиции во рамките на НАТО, но и на европската и глобалната безбедност“,
дополнува Муцунски.
