Стејт департментот одби да даде конкретна бројка на дипломати кои се засегнати, но застана во одбрана на промените, нарекувајќи ги стандарден процес во секоја администрација
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп отповикува речиси 30 амбасадори и дипломати од амбасадите на САД ширум светот назначени од неговиот претходник Џо Бајден. Целта е да се преобликува американскиот дипломатски став во странство со дипломати за кои се смета дека целосно ги поддржуваат приоритетите на Трамп.

Стејт департментот одби да даде конкретна бројка на дипломати или амбасадори кои се засегнати, но застана во одбрана на промените, нарекувајќи ги стандарден процес во секоја администрација. Во оваа смисла оттаму додаваат дека амбасадорот е личен претставник на претседателот и негово право е да се осигура дека во странските земји има поединци кои ја промовираат агендата „Америка на прво место“.
Според наводите на светските медиуми, кои се повикуваат на информации од Стејт департментот, Африка е најпогодениот континент каде што ќе бидат сменети амбасадори од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
Втор е Азиско-пацифичкиот Регион, со амбасадорски смени во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипините и Виетнам. Меѓу европските земји кои се засегнати се Македонија, Црна Гора, Словачка и Ерменија. На Блискиот Исток се засегнати Алжир и Египет, во Јужна Азија – Непал и Шри Ланка, како и Гватемала од Централна Америка и Суринам од Јужна Америка.
