Додека институциите се губат во лавиринтите на надлежностите, повозрасната популација е на директен удар на дезинформациски кампањи кои ја поткопуваат довербата во системот и во државата
Со развојот на технологијата, низ годините, во Македонија, пред сѐ на социјалните мрежи, започнаа да се појавуваат дигитални измами, кои на прв поглед изгледаат безопасни. Тука спаѓаат лажните игри со логоа на најпознатите синџири на супермаркети, фалсификувани профили кои се претставуваат како државни органи, но и фишинг-пораки кои имитираат глобални компании за достава.
Неретко, граѓаните, со акцент на повозрасните, наседнуваат на нив, губејќи и по неколку илјадници евра во процесот. Она што ги поврзува ваквите измами не е само нивната зачестеност, туку и идентичниот модус операнди: визуелна имитација, создавање чувство на сигурност оти наликуваат на официјални профили, како и нивното рапидно ширење низ социјалните мрежи. Токму овој модел е карактеристика не само на класичните измами, туку и на пософистицираните странски операции за манипулирање со информации (СММИ).

Манипулациите најчесто не започнуваат со директни политички пораки, туку со навидум техничка измама, сензационалистички наслови и текстови преплавени со дезинформации. Целта е предизвикување несигурност и поттикнување недоверба и гнев кај точно одредени таргет-групи. Овие измами го тестираат нивото на доверба, способноста за препознавање и брзината на ширење на содржините, како и отпорноста на системот. Во вакво опкружување, СММИ лесно го наоѓа својот пат.
Овој модел не се заснова на масовни пропагандни напади, туку на помали, доволно дозирани и насочени содржини кои продираат во дигиталниот екосистем. СММИ најчесто функционира така што препознава локални проблеми и чувствителни теми, со адаптација на странски наративи во домашен контекст. Потоа наративот се пласира преку канали кои навидум делуваат органски: портали, групи на социјални мрежи, инфлуенсери или анонимни профили.
Македонија е особено погодна почва поради комбинацијата од фактори како: недоволна доверба во официјалните институции, медиумска поларизација, големата зависност од социјални мрежи како примарен извор на вести, како и ниското ниво на медиумска писменост, особено кај повозрасните граѓани. Во еден ваков амбиент, границата помеѓу точна и манипулативна информација е речиси непостоечка.

Токму оваа „сива зона“ детално ја мапираше Фондацијата „Метаморфозис“ во својот најнов извештај за странските манипулации. Според еден од авторите, Горан Ризаов, проблемот не е само во надворешниот напад, туку во домашниот екосистем кој ги засилува овие дезинформации. Извештајот на Фондацијата јасно детектира дека домашните политички актери и медиумите со низок професионализам често стануваат соучесници, користејќи ги странските наративи за дневнополитички поени и продлабочување на поделбите.
Уредникот во „Метаморфозис“, Горан Ризаов, предупредува на специфичен феномен кој ги прави повозрасните граѓани особено ранливи на т.н. „српска врска“. Имено, голем дел од дезинформациите не се креираат тука, туку се „увезуваат“ од српските таблоиди и руските медиуми на српски јазик, бидејќи оваа демографска група нема јазична бариера кон тој пазар. Сепак, тој потенцира дека јазикот е само еден фактор.
„Точно е дека повозрасните се многу често цел, но често стануваат и извор на дезинформации. Имајќи предвид дека нивото на дигитална писменост е доста ниско, а се присутни на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, нивната ранливост е исклучително висока“,
кажа Ризаов.
Наративот е хируршки прецизен: се шири страв дека ЕУ-интеграцијата е директна закана за македонскиот идентитет, а се игра и на картата на меѓуетнички тензии. Во оваа „игра на нерви“, последиците се разорни за општеството. Според Ризаов, поделбите се толку длабоки што демократскиот дијалог е „фактички мртов“.
„Секој обид за негово оживување се начекува на нож од армија ботови и тролови. Затворени во своите екокомори… на најголем дел од граѓаните, па и на новинарите, едноставно им е полесно да се одјават“,
вели тој.
Од „безопасни“ наградни игри до опасни странски операции
Дополнително, анализата на „Метаморфозис“ посочува дека иако најмалку пет собраниски комисии имаат мандат да го третираат ова прашање, Собранието е пасивно, оставајќи го теренот отворен за манипулации кои дополнително ја поларизираат постарата популација. На ова се надоврзува и анализата на Институтот за комуникациски студии (ИКС), која дава јасна слика за институционалната и општествената ранливост. Во неа се вели оти Македонија во моментов нема развиен централен механизам кој би се занимавал исклучиво со странски влијателни операции или манипулативни комуникациски модели, но и оти постојат институции што допираат до различни аспекти на ова прашање, со ограничени ингеренции.

Министерството за дигитална трансформација досега најмногу од своето време работи на дигитализација на услугите и институционални процеси, но нема индикации дека постои единица која системски би следела дезинформации или странски манипулации. АЕК, од друга страна, се фокусира на технички стандарди и регулатива, но не и на анализа на дигиталните содржини. АНБ следи хибридни ризици, но не дава јавни предупредувања за манипулативни кампањи, додека, пак, МВР постапува само кога содржините поврзани со манипулации содржат елементи кои би можеле да бидат кривично санкционирани, што обично не важи за поголемиот број дезинформациски содржини.
Институционален вакуум: Помеѓу „бркање“ ИП-адреси и дигитализирање шалтери
Кога ќе се обратите до институциите за конкретните „дипфејк“ измами и лажни интервјуа, добивате одговор кој ја отсликува бирократската немоќ пред дигиталната реалност. Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал постапува по пријавите, но процедурата е „шаблонска“: го известуваат Основното јавно обвинителство и преземаат мерки за „лоцирање на ИП-адресите од кои се креирани профилите“.
Сепак, во пракса, лоцирањето ИП-адреса често води до „зомби“ компјутери во странство или сервери заштитени со VPN-мрежи, каде македонската полиција нема јурисдикција. Додека дописите патуваат меѓу МВР и ОЈО, лажните страници се гасат, а парите на измамените граѓани веќе се прелеани во криптовалути на другиот крај на светот.
Статистиката на МВР вели дека годинава се примени 60 пријави за разни измами на интернет и 20 пријави за злоупотреба на лични податоци на интернет. Четири од нив се од доктори кои пријавиле кражба на идентитет, чии ликови биле искористени за „дипфејк“ видеа креирани со вештачка интелигенција, како и лажно интервју. Целта им била да рекламираат и да продаваат одредени производи.

Слична е ситуацијата и со новоформираното Министерство за дигитална трансформација (МДТ). Иако името сугерира дека тие би требало да се првата линија на одбрана, нивниот фокус е првенствено технички и административен, а не дефанзивен во однос на содржината.
„Министерството е фокусирано на креирање политики и стратегии за дигитализација на јавната администрација и општеството во целина, како и кибербезбедност во делот на заштита на мрежите и информациските системи“, ни одговорија од МДТ, посочувајќи дека дезинформациите не се во нивниот примарен мандат.
Така, одговорноста за „чистење“ на дигиталниот простор паѓа во процепот меѓу надлежностите: МВР брка ИП-адреси, МДТ дигитализира шалтери, а граѓаните остануваат незаштитени.

Анализата на ИКС укажува и на уште една структурна слабост, а тоа е дека медиумскиот простор е толку фрагментиран што многу граѓани се информираат од портали без сопственичка транспарентност, без редакција и без стандарди. На социјалните мрежи, пак, алгоритмите ја фаворизираат содржината што предизвикува страв, бес или емоционален набој, што создава поволна средина за странски дезинформациски кампањи. Овие содржини не мора да бидат фабрикувани, оти е доволно само да бидат стратегиски засилени за време на кризи, избори или општествени тензии.

И покрај тоа што државата барем формално има стратегии за хибридни закани и медиумска писменост, анализата на ИКС покажува дека нивното спроведување е ограничено. Недостасува функционална координација меѓу институциите, а дел од активностите се фокусираат на технички аспекти наместо на информативната безбедност, додека пак одговорноста за градење отпорност на информациски напади во голема мера останува на граѓанскиот сектор, кој работи проектно и без гарантирана долгорочна стабилност.
Техничката поддршка во сенка на глобалните геополитички игри
Во техничката сфера, Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, или попознат по кратенката ЦИРТ има значајна улога, но нивните надлежности се строго дефинирани. Нивната работа претежно се однесува на детектирање киберинциденти, фишинг-кампањи, малициозни софтвери и раководење со дигитални инциденти во институциите. Тоа е клучен сегмент од безбедноста, но не покрива информативни манипулации. ЦИРТ може да предупреди институција кога постои ризик од пробив или компромитирање, но не може да анализира како се создаваат или шират координирани дезинформации, ниту да следи ботовски мрежи или манипулативни наративи.

Раководителот на ЦИРТ, Севдали Селмани, вели оти имало случаи кога кибернапади биле поврзани со политички манипулативна содржина, како, на пример, т.н „хактивизам“, каде што нападот врз веб-страница има за цел менување на нејзината содржина и објавување политички пораки или пропаганда.
„Вакви инциденти се поретки, но се случуваат повремено (особено во периоди на зголемена политичка чувствителност, избори и слично). Во такви ситуации, MKD-CIRT постапува исто како и во другите сајбер-инциденти, ја обезбедува техничката анализа и помош (на пр., враќање на компромитираната веб-страница во нормала, отстранување на малициозна содржина и слично) и потоа соодветно ги известува надлежните органи за понатамошно постапување доколку е потребно“,
вели Селмани.
Тој вели и оти иако тие немаат директни ингеренции во справување со СММИ, сепак, направените анализи несомнено покажуваат оти странското влијание врз информативната сфера во Македонија, најчесто се поврзува со странски центри на моќ и актери кои доаѓаат надвор од државата.
„Иако MKD-CIRT не ја испитува содржината на ваквите кампањи, општо е познато дека некои глобални геополитички фактори се заинтересирани за регионот и преку онлајн платформи се обидуваат да влијаат врз јавното мислење. Тоа е дел од широкиот тренд на хибридни закани, каде сајбер-нападите и информативните манипулации често одат рака под рака“,
кажа тој.
Најранливиот слој граѓани несомнено се повозрасните и пензионерите, кои, според бројни истражувања, се најчесто изложени на дезинформации и дигитални измами. Нивниот модел на информирање, преку телевизија, групи на Фејсбук и на Вибер ги става во позиција да примаат голем број непроверени содржини.
Пензионерите како мета на странски наративи и измами
Поради навиките формирани во период кога медиумите биле силно регулирани, со доза на морална и законска одговорност, тие често не развиваат сомнежи за изворите кои ги користат. Во групите каде „циркулираат“ здравствени совети и политички пораки, содржините најчесто се пренесуваат без проверка, бидејќи потекнуваат од луѓе на кои им се верува.
Ова ја прави оваа група граѓани исклучително чувствителна на манипулации поврзани со здравство, пензии, финансиска поддршка или политики што директно влијаат врз нивниот живот. Притоа, многумина од нив не прават разлика помеѓу официјални и фалсификувани профили, што ги доведува во уште поголем ризик. Дополнителен фактор е изолацијата: многу постари лица ја користат дигиталната комуникација не само за информации, туку и за одржување социјални врски, што ја зголемува подготвеноста да прифатат и споделат содржини кои создаваат чувство на припадност.

Дека „бомбардирањето“ со лажни содржини е секојдневие, потврдуваат и самите граѓани. Гордана В. (62) и Бранислав М. (70), пензионери од Скопје кои активно користат интернет и социјални мрежи, говорат за агресивноста на овие кампањи.
Иако технолошки писмени, и двајцата користат платформи за онлајн пазарење. Признаваат оти алгоритмите постојано ги таргетираат со „чудесни лекови“.
„Кликнувам, да, од љубопитност,“ вели Гордана, објаснувајќи дека најчесто ѝ се појавуваат лажни натписи со д-р Никола Пановски.
„Најчесто се рекламираат лекови за паразити, наводно одобрени од Владата, со некакви програми. Тоа се лекови што ги нема во продажба, туку се само со нарачка“,
објаснува таа.
Нејзината „одбрана“ од измамата не е техничка проверка на веб-адресата, туку логичка дедукција заснована на медицинското знаење на докторите кои се злоупотребени.
„Знам дека е лага кога ќе видам нелогичност. Не може, на пример, д-р Венко Филипче да зборува за гастритис. Но, ако не ги знаеш лично докторите или нивната специјалност, можеш лесно да ’се зезнеш‘“,
кажа таа.
За 70-годишниот Бранислав, зачестеноста на овие појави е алармантна. Тој вели ликови на познати доктори се најчестите кои му се појавуваат на Фејсбук.
„Не им верувам и не кликнувам. За мене, ако тој лек не се продава по редовна цена во аптека, тогаш сето тоа е монтажа“,
вели Бранислав.
Сепак, нивните сведоштва откриваат клучна нијанса, дека, дури и оние кои не наседнуваат, секојдневно се изложени на вакви содржини. Двајцата заклучуваат дека самиот факт што лажните интервјуа се толку присутни, укажува дека зад нив стои сериозна инвестиција која цели токму кон довербата на повозрасната популација.
Во таков амбиент, Македонија останува простор во кој СММИ не мора да навлегува агресивно, напротив, доволно е да се насочи кон постојните слабости како фрагментираниот медиумски систем, институционални празнини, ниска доверба и ограничени капацитети за проверка. Манипулациите се шират тивко, преку секојдневни канали, и многу често остануваат незабележани сè додека не создадат значителен јавен ефект. Додека државата не развие интегриран систем за информациска безбедност, институциите не воспостават координација, а медиумската писменост не стане системска и масовна, постарите граѓани, но и целото општество ќе останат изложени на ризик кој може да донесе непроценлива штета на самата држава.
Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
