Според ВМРО-ДПМНЕ, вклучувањето на Јон Фрчкоски во Извршниот одбор на СДСМ е доказ дека партијата не нуди вистински реформи

Очигледно е дека нема граница која Венко Филипче нема да ја помине за да ги задоволи апетитите и агендата на Зоран Заев, се вели во денешното соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во кое упатуваат критики за новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според ВМРО-ДПМНЕ, вклучувањето на Јон Фрчкоски во Извршниот одбор на СДСМ е доказ дека партијата не нуди вистински реформи. Од партијата потсетуваат на неодамна објавени фотографии со Фрчкоски на кои наводно се гледа користење на недозволени супстанци на работното место.
„Во СДС можете да најдете буквално се што не може на друго место, лица кои се компромитирани, лица кои ги злоупотребиле своите службени позиции, лица кои ќе направат се да останат во близина на поранешниот лидер на партијата, но секако и луѓе кои користат наркотици“,
се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за нереагирање во однос на повлекувањето на Фрчкоски од претходните функции. Иако беше најавено дека тој поднел оставка од позицијата директор на Центарот за аналитика, минатата недела самиот Фрчкоски изјави дека неговата оставка никогаш не била разгледана од Централниот одбор.
Од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштението, велат дека Фрчкоски никогаш не одговорил на прашањата поврзани со ова, како на пример, каде ја користел дрогата, од каде му е истата?
„Дали во СДС владеат правила на некаква паралелна реалност, со оглед на тоа што очигледно се целосно отсечени од јавната перцепција? Зарем навистина сметаат дека јавноста не го следи и не го разбира она што го прават, и дека лицата што ги претставуваат како ’нови’ се одамна компромитирани, a некои од нив дури и јавно политички потрошени?“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Минатата недела, на седница на Централниот одбор на СДСМ беше избрано новото раководство на партијата. За потпретседатели на партијата беа избрани Јована Тренчевска и Александар Трајановски. На функцијата генерален секретар на СДСМ останува Александар Саша Димитријевиќ, а Љупчо Фармаковски како и досега ќе ја извршува функцијата организациски секретар на партијата.
Членови на Извршниот одбор се Дејан Николовски, Јон Фрчковски, Симона Цветановка, Рената Младеновска, Петар Огненовиќ, Андреј Жерновски.
