Скопје неколку дена по ред е на врвот по загаденост во Европа, што дополнително ги загрижи граѓаните, а стана тема на која власта и опозицијата секојдневно се обвинуваат меѓусебно чија е вината

Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе ја подготвуваат експерти со докажано искуство и со успешни проекти зад нив, а не ПР-кампањџии, пишува советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје.
„Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата. За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како досега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери“,
се вели во објавата на советниците на Фејсбук.
Тие во објавата посочуваат дека прашањето на чистиот воздух е прашање на „нашето здравје и здравјето на нашите деца“ и дека нема да го доверат некому што само брои лајкови и создава паника кај граѓаните.
„Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не за кариерата на некој опозициски советник. Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР-акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки“,
се вели понатаму во објавата.
Скопје неколку дена по ред е на врвот по загаденост во Европа, што дополнително ги загрижи граѓаните, а стана тема на која власта и опозицијата секојдневно се обвинуваат меѓусебно чија е вината за загадениот воздух.
Претходно денеска, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) побара во Скопје да биде прогласена еколошка и здравствена кризна состојба поради виското ниво на аерозагадување во главниот град што се бележи изминатите неколку дена.
Потоа од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека било лицемерно што СДСМ го наметнува аерозагадувањето во фокусот на јавноста.
