Украина заедно со европските сојузници речиси еден месец работат на измена на нацрт-мировниот план презентиран од САД во ноември, кој го сметаат за премногу поволен за Русија

Измените што ги направија Украинците и Европејците во американскиот нацрт за мировниот план помеѓу Украина и Русија не ги подобруваат шансите за изнаоѓање решение за конфликтот, изјави денес Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател Владимир Путин за надворешна политика, пренесе руската агенција Интерфакс.
„Сигурен сум дека предлозите што Европејците и Украинците ги дадоа или се обидуваат да ги дадат, сигурно не го подобруваат документот и не ја подобруваат можноста за постигнување долгорочен мир“,
изјави Ушаков.
Украина заедно со европските сојузници речиси еден месец работат на измена на нацрт-мировниот план презентиран од САД во ноември, кој го сметаат за премногу поволен за Русија.
Деталите за предложените измени на оригиналниот американски план остануваат нејасни.
Руските преговарачи, во саботата во Мајами, се сретнаа со американски претставници предводени од специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
Претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, по разговорите изјави дека тие биле конструктивни и дека ќе продолжат.
Можноста за трилатерален состанок помеѓу Русија, САД и Украина засега не е разгледана.
