„Путин верува дека ако постои заедничка политичка волја, на разговорите меѓу двајцата може да се гледа само позитивно“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
„Сега кога перспективите за прекин на огнот и мирновните преговори стануваат појасни, корисно е повторно да се разговара со Путин“, соопштија од кабинетот на францускиот претседател
Официјален Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за разговори со својот француски колега Емануел Макрон, што веднаш наидена на позитивна реакција од кабинетот на претседателот на Француската Република, пренесоа светските медиуми.

Информацијата ја соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во изјава за руската државна новинска агенција РИА Новости.
„Путин верува дека ако постои заедничка политичка волја, на разговорите меѓу двајцата може да се гледа само позитивно“,
рече Песков.
Одговорот од Кремљ доаѓа откако во петокот, францускиот претседател изјави дека Европа и Украина би можеле да имаат корист од нов разговор со Путин. Изјавата Макрон ја даде по самитот на европските лидери во Брисел на кој се разговараше за финансиската помош за Украина. Според францускиот претседател, разговорите со Путин ќе ја отворат вратата за Европа директно да се вкучи во преговорите за ставање крај на војната во Украина, наместо тие да се водат само со посредништво на Соединетите Американски Држави (САД).
„Инаку, ние само преговараме со преговарачи кои потоа преговараат со Русите, а тоа не е оптимално“,
изјави Маркон во петокот.
Лидерите на Украина и на европските сојузници минатата недела и во понеделникот во Берлин одржаа разговори со американските претставници во врска со напорите за доаѓање до мировен договор за Украина, а во викендов преговорите влегоа во нова рудна во Мајами, Флорида, каде се состануваат американските и руските преговарачи.
На разговорите во Флорида се очекува америнаските преговарачи да им ги претстават на руските претставници резултатите од состанокот во Берлин.
Главниот руски преговарач, Кирил Дмитриев, по првиот круг, преговорите со американските претставници ги оцени како конструктивни, но во петокот упати критики до лидерите на Франција, Германија и Велика Британија, нарекувајќи ги воени подбуцнувачи, бидејќи според него се обидуваат да ги поткопаат напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за изнаоѓање мировно решение за Украина.
Денеска кабинетот на францускиот претседател го поздрави соопштението на рускиот претседател Владимир Путин дека е „подготвен“ да разговара со Макрон, додавајќи дека во наредните денови ќе бидат одлучени најдобрите модалитети за реализација на намерите.
„Добро е што Кремљ даде јавно одобрување за овој пристап. Затоа, во наредните денови ќе одлучиме за најдобриот начин да го постигнеме ова“,
објави Елисејската палата.

Од официјален Париз велат дека сите разговори со Москва ќе се водат во целосна транспарентност во однос на украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на другите европски земји, како и дека нивната цел сè уште е постигнување на „цврст и траен мир“ за украинскиот народ.
„Инвазијата на Украина и тврдоглавоста на претседателот Путин ја прекинаа секоја можност за дијалог во последните три години. Сега кога перспективите за прекин на огнот и мирновните преговори стануваат појасни, корисно е повторно да се разговара со Путин“,
се вели во соопштението од Елисејската палата.
Францускиот претсдател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин последен пат разговараа телефонски на 1 јули годинава. Тоа беше нивен прв разговор по три години, но тогаш, тие само ги потврдија разликите во ставовите околу доаѓањето до мир во Украина.
