Како одговор на обвинувањата од СДСМ, владејачката партија во соопштението наведува осум мерки и проекти што централната власта заедно со локалната ги презела во изминатата една и пол година, а кои, како што додаваат, се само дел од чекорите насочени кон справување со загадениот воздух
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како лицемерни реакциите на нивниот политички опоненет – Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во врска со аерозгадувањето во Скопје и нивните повици за донесување итни мерки за решавање на проблемот.

Имено, од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение реагираа на денешната прес-конференција на Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, на која тие побараа да биде прогласена еколошка и здравствена кризна состојба во главниот град поради виското ниво на аерозагадување што се бележи во изминатите неколку дена.
„Навистина е лицемерно СДС да говори загаден воздух. Ветуваа ‘ајро ајро’ на митинг, почист воздух, а во суштина нивен министер протестираше против загадувањето на воздухот наместо да преземе мерки“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, СДСМ доколку сакал за седум години, додека беше на власт, можел барем за 10 проценти да го намали загадувањето во Скопје, но наместо за проекти за решавање на проблемот се трошеле милиони евра за бизарни потреби, но и за градење згради во повеќе општини.
„Во време на СДС, парите наместо за животна средина и почист воздух, се трошеа 1,6 милиони евра за лубриканти. За седум години можеа барем за 10% да го намалат загадувањето на воздухот, ама приоритет им беше градење згради, како што сакаа, во Ѓорче и во Хром да никнат 100 згради во 2020 година, а исто толку и во истиот период и во населбата Расадник“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како одговор на обвинувањата од СДСМ, владејачката партија во соопштението наведува осум мерки и проекти што централната власта заедно со локалната ги презела во изминатата една и пол година, а кои, како што додаваат, се само дел од чекорите насочени кон справување со загадениот воздух.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека во овој период биле донесена Стратегија за почист воздух 2024-2030, субвенции за инвертер-клими, прочистувачи на воздух низ градинките во Скопје, потоа одлука за масовно пошумување на државата и план за гасификација на државата.
Дополнително, велат оттаму, Град Скопје вовел мерки и препораки до граѓаните за заштита од загадениот воздух, а се планира и изградба на две когенеративни централни на влезовит во Скопје, постатување на клупи во парковите со вградени прочистувачи на воздухот.
Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС се гледа и во рејтингот. Затоа наместо соопштенија напишани од ВИ (вештачка интелигенција), нека седнат и нека научат сами да пишуваат и нека сфатат дека долго време ќе бидат опозиција со овој пристап“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ притоа алудирајќи на анкетата на ИПИС објавена вчера, а која покажува огромна предност во рејтингот на владејачката партија во однос на СДСМ.

Советниците на СДСМ во Советот на Град Скопје освен за барањето за прогласување еколошка и здравствена кризна состојба во главниот град, информираа и дека поднеле иницијатива за свикување итна седница на Советот, на која ќе бидат утврдени заклучоци и донесени итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот.
Дополнително, тие ги наведоа мерките што нивната советничка група има намера да ги поднесе на седницата, доколку биде закажана, а кои опфаќаат од бесплатен јавен превоз до забрана за греење со дрва и јаглен и понатамошно расчистување на дивите депонии во главниот град.
