Од компанијата што стопанисува со скопскиот аеродром информираат дека поради густата магла која ја зафати скопската котлина и која предизвика намалена видливост до денеска во 18 часот има 16 откажани и 11 пренасочени летови
Откако некои медиуми објавија дека поради густата магла Меѓународниот аеродром „Скопје“ е затворен за сообраќај, од ТАВ Македонија појаснуваат дека аеродромот е постојано отворен и врши услуги, но поради временските услови има откажани и летови кои доцнат.

„Согласно временската прогноза која ни стигнува од метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците“,
се вели во соопштението од ТАВ Македонија, што го пренесува МИА.
Од компанијата што стопанисува со скопскиот аеродром информираат дека поради густата магла која ја зафати скопската котлина и која предизвика намалена видливост, на скопскиот аеродром денеска од 00:00 часот до 18 часот има 16 откажани и 11 пренасочени летови.
„Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден“,
велат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Оттаму посочуваат дека сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24 часа секој ден, со персонал кој е присутен на аеродромот, како и на телефонскиот број 02 3148 333.
