Сите мерења, како што наведуваат оттаму, покажуваат дека емисијата на штетни честички од работењето на компанијата е под законски дозволените лимити
Скопската цементарница „Титан-Усје“ целосно ги отфрла обвинувањата дека нејзиното работење е причина за загадениот воздух во главниот град. Според компанијата, ваквите тврдења се невистинити и не се засноваат на мерливи научни податоци и факти.

Реакцијата на „Титан-Усје“ доаѓа откако денеска граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ за в четврток, 25 декември, повика на блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ каде што, како што наведоа од иницијативата, ќе бидат изнесени барања до надлежните институции со цел конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое велат е предизвикано од работењето на Цементарница „Усје“.
„За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место“,
се вели во реакцијата од компанијата.
Според „Титан-Усје“, работењето на цементарницата е под 24 часовен независен надзор и сите податоци од мерањата се јавно достапни. Податоците, велат оттаму, освен што се доставуваат до надлежните институции, кои имаат и независен увид, се споделуваат и со медиумите и со невладиниот сектор.
Сите мерења, како што наведуваат оттаму, покажуваат дека емисијата на штетни честички од работењето на компанијата е под законски дозволените лимити.
Последното контролно мерење, додаваат, било извршено завчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдиле дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.
Од компанијата наведуваат дека таа работи согласно законските прописи и А-еколошката дозвола, која е под надзор и контрола на Министерството за животна средина и просторно планирање и во која прецизно се дефинирани сите параметри што се однесуваат на заштитата на животната средина.
„Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално и се потпира на претпоставени вредности од софтверски апликации кои не се засноваат на верификувани методи за мерење од ваков тип и затоа не можат да се сметаат за релевантен извор, ниту во нашата земја, ниту во Европската Унија“,
се наведува во соопштението од „Титан-Усје“.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да работат согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни.
Од друга страна, од иницијативата „Стоп за Усје“, во повикот за блокада в четврток, наведоа дека таа е организирана како мирен, но решителен протест против континуираното труење на скопјани, што се одвива со години и со знаење, толеранција и институционална поддршка од страна на државните органи.
„Наместо заштита на јавното здравје, сведоци сме на системско игнорирање на алармантните податоци, недејствување и прикривање на одговорноста“,
се вели во соопштението на „Стоп за Усје“.
Оттаму велат дека пораката е јасна, а тоа е дека повеќе нема да се молчи и нема да се одлага револтот и нема повеќе да се дозволи жртвување на здравјето на граѓаните на сметка на профитот.
