„На тој начин, здравствениот систем ќе добие дисперзиран медицински кадар, кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување на терциерното здравство“, вели Алиу
Министерството за здравство дефинира нови програми за специјализација, со што темелно се менува начинот на кој се создава медицински кадар. Ова денеска го најавија министерот за здравство Азир Алиу, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Светозар Антовиќ, и претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова.

Отсега специјализациите ќе бидат општи, а потоа ќе се оди на супспецијализација, а програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава.
Презентирајќи го новиот модел, Алиу рече дека прво треба да се има стабилен интернист и општ хирург, а потоа онаму каде има потреба ќе продолжи процесот на образование со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како специјалистичка надградба.
„На тој начин, здравствениот систем ќе добие дисперзиран медицински кадар, кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување на терциерното здравство“,
рече тој.
Според него, суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации.
Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Светозар Антовиќ рече дека од воведувањето на високоспецијализираните специјализации во 2011 година, резултатите после 11-12 години се дека имаме многу високоспецијализиран кадар на места каде нема потреба.
Посочи дека порано имало специјализации каде прво морало да се биде општ специјалист или општ интернист, специјализации што траеле четири години, со што биле задоволени сите потреби на болниците во секундарното јавно здравство, додека на клиниките и некои од поголемите болници, како ГОБ „8 Септември“ имало потреба од дополнително високо специјализиран кадар и биле упатувани на специјализации што траеле две години.
„Или, за да станете специјалист или супспецијалист по нефрологија ви требаа шест години едукација. Но, во внатрешноста навистина не ви се потребни нефролози, кардиолози, не велам дека не се потребни, меѓутоа е многу подобро да располагате со кадар што е со лиценца за општ интернист или хирург кој може да дава поширок дијапазон на услуги. Некако специјализациите беа проектирани дека треба да бидат во терциерното здравство. И сега после оваа реформа во 2011 година се соочуваме во голем број болници да немаме општи интернисти, односно каде дежура кардиолог што не може да препишува терапија од други области“,
рече д-р Антовиќ.
Затоа, смета дека е добро да се вратат тие општи специјализации.
Новиот модел на специјализации е инициран од Лекарската комора, каде е констатирано дека постоечкиот модел на специјализации не е добар.
Според д-р Гривчева-Старделова, сегашните специјализации по општа интерна и општа хирургија се предолги кога ги споредуваме со супспецијализациите и лекарите избираат да одат директно на супспецијализација.
Министерството за здравство минатиот месец ја презентираше првата темелна анализа на човечките ресурси во здравствениот систем, односно регистар на работници во областа на здравството, преку кој ќе може да се следи движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една до друга здравствена установа.
