Министерот за здравство, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, кажа дека процедурите за овој случај од страна на интерната комисија се завршени и дека во моментов сите материјали се преведуваат на англиски јазик
Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави оти очекува следната недела да се одржи првиот состанок со странските експерти што ќе бидат ангажирани за случајот со непотребните операции на срце што се вршеле во приватни здравствени установи, а кој го обелодени интервентниот кардиолог Сашко Кедев.

За потсетување, Кедев пред неколку месеци во гостување на Радио Канал 77, кажа дека во некои клиники во државата се вршат непотребни хируршки интервенции за срце, меѓу кои и ставање стентови, со цел да се извлече профит. По ваквите информации, кои предизвикаа многубројни реакции во јавноста, надлежните здравствени власти формираа интерна комисија за да го испита случајот, но и комисија од тројца странски експерти, што треба да помогнат во расчистувањето на целиот случај.
Министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, кажа дека процедурите околу овој случај од страна на интерната комисија се завршени и дека во моментов сите материјали се преведуваат на англиски јазик.
„Материјалот е обемен и ценам дека првата средба која ќе биде онлајн ќе се одржи наредната недела. Не сакам да прецизирам ден затоа што треба да се координираат вкупно 20 луѓе“,
изјави Алиу.
Претходно, на прес-конференција во ноември, ресорниот министер и членовите на домашната комисија информираа дека дотогаш се пристигнатите 25 пријави за сомнителни случаи, кои се пријавени од граѓани и од медицински институции.
Тогаш беше кажано дека интерната комисија анализирала 19, а за 10 пациенти било утврдено дека непотребно биле упатени на васкуларни интервенции.
Интервентниот кардиолог д-р Сашко Кедев во интервју за „360 степени“, емитувано на 8 декември на МРТ 1, рече дека првичните наоди на интерната комисија на Министерството за здравство се само, како што рече, врвот на сантата мраз, односно дека станува збор за бројки што се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности од овој аспект.
„И ова само може да послужи како иницијален стимул за да се расчисти со оваа пракса, бидејќи најверојатно во овој процес се вклучени многу субјекти. Не само приватните болници, туку потенцијално и други здравствени институции, јавни здравствени институции, вработени во јавни здравствени институции“,
рече интервентниот кардиолог.

Кедев, прашан дали откако комисијата ќе ја заврши работата треба јавно да бидат соопштени имињата на инволвираните болници и доктори, одговори потврдно додавајќи оти смета дека целиот процес треба да има завршница.
„Дефинитивно, таму каде што ќе се утврди објективно дека е направено нешто спротивно на принципите на медицина базирана на докази и спротивно на базичните етички стандарди во медицината, сигурно е дека треба да има разврска“,
рече тој одговарајќи на прашањето дали се потребни санкции за оние што така постапувале.
