Како што посочи Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ, темата со мигрантите не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност

СДСМ денеска до Уставниот суд поднесе претставка за уривање на правниот поредок откако владејачкото мнозинство во Собранието усвои „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“ поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
„Кога Уставниот поредок и основните човекови права се загрозени, потребна е заедничка акција. Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ДПМНЕ-ЗНАМ усвоена во Собранието. Конкретно, за повреда на дел 1 од Уставот, членот 16, кој ги гарантира: слободата на говорот, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување. И коj забранува цензура во секаква форма. Неуставната Резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура“,
изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што посочи тој, темата со мигрантите не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност.
„Не може Резолуција во Собрание да биде против ‘наративот на опозицијата’ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор. Затоа Уставниот суд, како главен заштитник на Уставот и уставниот поредок, на слободата на говор и правата гарантирани со уставот има обврска да ги заштити. Уставниот суд мора да ја укине оваа неуставна Резолуција! Кога се загрозува Уставот, се загрозува демократијата и поредокот на Македонија. Кога се забранува дебата и се воведува цензура демократијата престанува да постои, се воведува диктатура, режим. СДСМ отвори фронт за правда! Нема да дозволиме гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме демократијата, ќе ја одбраниме Македонија“,
дециден беше Димитријевиќ.
Завчера, со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“ пратениците ја изгласаа „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, нагласи дека со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации во врска со мигрантите.
