Главниот руски преговарач Кирил Дмитриев ја опишува одлуката донесена од Брисел како „смртоносен удар“ врз политичарите кои, како што наведува „туркаат кон војна“, притоа споменувајќи ги имињата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер
Официјална Москва со позитивни тонови реагира на компромисот што синоќа го постигнаа земјите членки на Европската Унија (ЕУ), кои се договорија да издвојат 90 милијарди евра од буџетот на Унијата за Украина.

Лидерите на ЕУ се согласија да ѝ дадат бескаматен кредит на Украина за земјата да може да ги покрие итните финансиски потреби поврзани инфраструктурата и одбраната од руската агресија, но не успеаја да се договорат овие средства да бидат покриени со „замрзнатиот“ руски имот во Европа.
Во врска со договор, од Москва меѓу првите се огласи главниот руски преговарач Кирил Дмитриев.
„Засега преовладаа правото и здравиот разум“,
напиша тој денеска на социјалните мрежи, пренесоа светските агенции.
Дмитриев ја опишува одлуката донесена во Брисел како „смртоносен удар“ врз политичарите кои, како што наведува, „туркаат кон војна“, притоа споменувајќи ги имињата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.
„Смртоносен удар за Урсула, Мерц, Стармер и подбуцнувачите на војна: тие го потрошија политичкиот капитал туркајќи нелегални потези против руските резерви – и не успеаја. ‘Нема алтернатива’, рекоа тие. Очигледно, постои. Цел свет виде како не успеавте со малтретирање да ги натерате другите да го прекршат законот. Да ги малтретирате другите да го прекршат законот“,
напиша тој на платформата Икс.
🌩️Fatal blow to Ursula, Merz, Starmer & the warmongers: they burned political capital pushing illegal moves against Russia’s reserves—and FAILED.
— Kirill Dmitriev (@kadmitriev) December 19, 2025
“There’s no alternative,” they said. Apparently there is.
The whole world just watched you fail to bully others into breaking the law https://t.co/1gjpwSqPPd pic.twitter.com/yC8mrmaR9H
Во објава на Телеграм, Дмитриев наведува дека неколку гласа на разумот во ЕУ спречиле руските резерви да бидат, како што вели, нелегално користени за финансирање на Украина.
Инаку, Москва постојано предупредува дека доколку ЕУ посегне по „замрзнатиот“ руски имот во Европа, Кремљ тоа ќе го смета за „кражба“, на која ќе одговори со користење на западните фондови за свои цели, особено оние што им припаѓаат на приватни инвеститори и компании.
По неколкумесечни препирки и несогласувања, земјите членки на ЕУ рано утрово постигнаа компромис за финансирање на Украина за следните две години.
Според договорот, Украина ќе добие бескаматен заем од 90 милијарди евра, а доколку Русија не успее да ги плати воените репарации, замрзнатите руски средства во ЕУ ќе бидат искористени за отплата на заемот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц првично се обиде да ги искористи средствата на руската централна банка, претежно „замрзнати“ во Белгија, за да обезбеди заеми до 210 милијарди евра, но на крајот ваквиот план пропадна поради противењето на неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Италија.
Условно кажано, тие се солидаризираа со Белгија која изрази загриженост доколку Унијата се одлучи на ваков потег, бидејќи клириншката банка во Брисел држи 88 отсто од руските средства во ЕУ.
„Гардијан“ неделава објави дека руската централна банка поднела тужба против финансиската групација „Еуроклир“ во Брисел во која бара 230 милијарди американски долари. Дополнително раководителите на групацијата се соочиле и со кампања на заплашување, зад која, според информациите, стои руската разузнавачка служба.
Инаку, лидерите на ЕУ успеаја да постигнат договор, откако Унгарија, Словачка и Чешка, кои беа цврсто против користење на руските средства навестија дека ќе го одобрат користењето на буџетот на ЕУ за финансирање на Украина, сè додека не мора да дадат согласност за гаранции за кредитот.
Официјалните претставници на ЕУ се надеваа дека ако Унијата се согласи на користење на „замрзнатите“ руски средства за Украина, другите западни сојузници, како што се Велика Британија, Канада и Јапонија, ќе го следат примерот.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно им порача на лидерите на ЕУ дека одлуката за користење на „замрзнатите“ средства на Русија за одбрана на неговата земја е „една од најјасните и морално оправдани одлуки што некогаш би можеле да се донесат“.
Во меѓувреме, како што јавуваат светските агенции, Русија продолжува со нападите врз украинскиот пристаништен град Одеса, во кои според локалните власти има и загинати.
Гувернерот на регионот, Олег Кипер, на Телеграм објави дека една жена е убиена при напад на руски дрон додека со својот автомобил преминувала мост југозападно во Одеса. Во нападот, како што наведува тој, биле повредени нејзините три деца.
Кипер упати и апел до жителите на регионот кои се соочуваат со долготрајни прекини на снабдувањето со електричната енергија да покажат трпение и да престанат да блокираат патишта во знак на протест. Според него, службите за итни случаи работат деноноќно за да го вратат снабдувањето со електрична енергија.
Шефот на градската воена администрација на Одеса, Серхиј Лисак, соопшти дека во рускиот напад е оштетена енергетската инфраструктура поради што има прекини во снабдувањето со електричната енергија, вода и греење во густо населениот округ.
Дополнително, украинските погранични власти соопштија дека руските напади го запреле сообраќајот по должината на рутата што ја поврзува Одеса со пристаништето Рени на реката Дунав.
