Како што изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта рано утрово, средствата ќе бидат издвоени од буџетот на ЕУ, а Киев ќе го врати заемот откако Русија ќе плати воени репарации
Лидерите на Европската Унија (ЕУ) се согласија да ѝ обезбедат заем од 90 милијарди евра на Украина за да може земјата да ги покрие итните финансиски потреби поврзани со одбраната од руската агресија, но не успеаја да се договорат овие средства да бидат покриени со „замрзнатиот“ руски имот во Европа, јавуваат светските медиуми.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на разговорите рано утрово во изјава за новинарите рече дека ЕУ го исполнила ветувањето и се обврзала на Украина да ѝ даде заем за следните две години, средства кои ќе бидат издвоени од буџетот на Унијата. Тој исто така рече дека, Киев ќе го врати заемот откако Русија ќе ги плати воените репарации.
„Унијата го задржува своето право да ги користи имобилизираните средства за да го отплати овој заем“,
додаде тој, пренесе британски „Гардијан“.
Самитот на кој главна тема беше финсиската помош за Украина, лидерите на ЕУ го почнаа вчера. Голем дел од лидерите на Унијата настојуваа итно потребниот заем да го обездат од замрзнатите средства на Русија во Европа кои изнесуваат околу 210 милијарди евра. Сепак, тие не успеаја да ја убедат Белгија да се согласи со ваквиот план.
Имено, Белгија, која во клиринишката банка во Брисел држи 88 отсто од руските средстав во ЕУ, бараше неограничени буџетски гаранции од другите земји членки доколку Москва ја добие тужбата за отштета.
„Кога повторно го разгледавме текстот, имаше толку многу прашања што реков: ‘Ви кажав’. Има многу нејасни работи. И, ако почнете да ги влечете лабавите краеви од конците, работата пропаѓа“,
изјави белгискиот премиер, Барт де Вар, посочувајќи дека заемот за репарации не бил добра идеја.
Инаку, „Гардијан“ неделава објави дека руската централна банка поднела тужба против финансиската групација „Еуроклир“ во Брисел во која бара 230 милијарди американски долари. Дополнително раководителите на групацијата се соочиле и со кампања на заплашување, зад која, според информациите стои руската разузнавачака служба.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, кој е еден од најсилните застапници на идејата за користење на „замрзнатиот“ руски имот, по состанокот изјави дека постигнатиот договор е „одлучувачка порака што ќе го натера (Владимир) Путин да направи отстапки откако ќе сфати дека неговата војна е неисплатлива“.
„Ако Русија не плати репарации, ние, во целосна согланост со меѓународното право, ќе ги искористиме имобилизираните руски средства за враќање на заемот“,
изјави тој.

Мерц и другите поддржувачи на планот за заем за репарации тврдеа дека финансирањето на Украина преку буџетот на ЕУ е невозможно затоа што бара едногласност.
Сепак, патот до договор беше расчистен лидерите на Унгарија, Словачка и Чешка, кои се против користење на руските средства навестија дека ќе го одобрат користењето на буџетот на ЕУ за финансирање на Украина, сè додека не мора да дадат согласност за гаранции за кредитот.
Според конечниот текст на договорот, гаранциите на ЕУ за кредитот „нема да имаат влијание врз финансиските обврски“ на овие три земји.
Данската премиерка, Мете Фредериксен, рече дека е „големо постигнување“ да се натераат сите 27 земји членки да се согласат за кредит од 90 милијарди евра за друг.
„Има многу луѓе надвор од Европската Унија, а за жал и во Европската Унија, кои се обидуваат да нè поделат. Станува сè потешко и мислам дека ова ќе продолжи“,
изјави таа.
Одлуката за финансирање на Украина беше оценета како „пари денес или крв утре“ од страна на полскиот премиер Доналд Туск.
Официјалните претставници на ЕУ се надеваа дека ако Унијата се согласи на користење на „замрзнатите“ руски средства за Украина, другите западни сојузници, како што се Велика Британија, Канада и Јапонија, ќе го следат примерот.
Засега останува нејасно, каков ќе биде одгворот на овие три земји. Сепак, Брисел ги повика сојузниците кои не се членки на ЕУ да обезбедат околу 45 милијарди евра за покривање на остатокот од проценетите 136 милијарди евра што и се потребни на Украина за воено и цивилно финансирање во 2026 и 2027 година.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно им порача на лидерите на ЕУ дека одлуката за користење на „замрзнатите“ средства на Русија за одбрана на неговата земја е „една од најјасните и морално оправдани одлуки што некогаш би можеле да се донесат“.

Зеленски, исто така, предупреди дека Украина ризикува да остане без пари за производство на беспилотни летала, што се витална компонента на нејзината одбрана руската агресија.
