Според владејачката партија, во новото раководство на социјалдемократите се избрани стари кадри одредени од екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, кои со себе влечат скандали и неуспеси во досегашните политички кариери
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение излезе со коментар за кадрите што нивниот политички опонент, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), синоќа ги избра за членови на раководните структури на партијата.

Според владејачката партија, во новото раководство на социјалдемократите се избрани стари кадри одредени од екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, кои со себе влечат скандали и неуспеси во досегашните политички кариери.
„Во новото раководство на СДС влезе ексдиректорот на затворот ‘Шутка’ со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчкоски кој беше фатен и призна како се дрогира на своето работно место, и кој наместо казна доби унапредување во СДС“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, во продолжение се осврнуваат и на другите членови на СДСМ, што беа изгласани за раководните органи на вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ.
За Рената Младеновска, која повторно е избрана за член на Извршниот одбор на СДСМ, од владејачката партија велат дека била ексдиректорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, додека Драган Крајовски ја извршувал функцијата претседател на Општинскиот одбор на СДСМ Битола, а во времето на екслидерот на партијата и поранешен премиер, Димитар Ковачевски, бил директор на затворот „Црн мост“ во Битола.
„Дејан Николовски, вработен во кабинетот на Зоран Заев и задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на Централниот одбор на СДС. Андреј Жерновски – ‘прелетач’ за функција од ЛДП во СДС на Зоран Заев, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник, неуспешен градежник, јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење паника дека ќе се урне стадионот кој сè уште стои“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Агрон Демири, според владејачката партија, е уште еден кадар од „стариот“ СДСМ. За него велат дека е екссоветник во секторот за Европска Унија и меѓународна соработка, а како правник е дел од Одделението за правни услуги во „Електрани на Северна Македонија“. Демири, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, беше и коносител на листата за пратеници во Шестата изборната единица на минатогодишните парламентарни избори „кога СДС го претрпеа најголемиот пораз и не успеа како втор на листа да влезе како пратеник“.
„Љупчо Фармаковски – фосил уште од времето на Хари Костов во владата и МВР како државен советник, па и до денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална банка. Во 2008 беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување. И досега беше организациски секретар на СДС“,
наведуваат од владејачката партија.
Оттаму одвојуваат неколку реда повеќе за поранешната министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка, Јована Тренчевска, која е избрана за нова потпретседателка на СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, таа додека била министерка кочела 16 согласности за воспитувачки и негувателки, како и 10 согласности за помошно-технички персонал во градинките во општина Бутел кога градоначалникот бил од ВМРО-ДПМНЕ.
„Опструираше и одземаше ингеренции и во Куманово. Го врати на работа директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа – Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што е фатен во трговија со дрога. Во 2024 се повлече од функцијата како претседателка на форумот на жени на СДС – ‘Од денес во СДС нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од времето на претходните функционери“, напиша тогаш, а сега се промовира како освежување“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на власт, станува збор за „најлошиот состав на СДСМ и Зоран Заев.
Оттаму додаваат дека со тоа завршува приватизацијата на СДСМ и дека наредниот чекор е „жесток стечај“.
За изборот на новото раководство на СДСМ, по синоќешната седница на Централниот одбор (ЦО) на партијата, информира лидерот Венко Филипче, кој рече дека станува збор за тим кој влегува во храбра и одлучна борба против ненародната, криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
