Двајцата напаѓачи отпатувале на Филипините на 1 ноември, а таму останале до 28 ноември. Саџид Акрам патувал користејќи индиски пасош, додека неговиот син Навид имал австралиски пасош. Градот Давао, сместен на југоистокот на островот Минданао на Филипините, била нивната последна дестинација. Познато е дека исламистичките милитанти дејствуваат во сиромашните области на централниот и југозападниот Минданао
Таткото и синот, Саџид и Навид Акрам, кои го извршиле терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј, во кој загинаа 16 лица, вклучувајќи го и еден од напаѓачите, а околу 40 се повредени, биле на Филипините еден месец пред нападот, со цел да поминат „воена обука“, објавија австралиските медиуми, а пренесува и Би-би-си.
И филипинската полиција започна истрага за нивниот престој во земјата.

Двајцата напаѓачи отпатувале на Филипините на 1 ноември, а таму останале до 28 ноември, објави имиграциската служба на земјата.
Саџид Акрам (50) патувал користејќи индиски пасош, додека неговиот син Навид (24), имал австралиски пасош. Градот Давао, сместен на југоистокот на островот Минданао на Филипините, била нивната последна дестинација. Познато е дека исламистичките милитанти дејствуваат во сиромашните области на централниот и југозападниот Минданао.
Австралиските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, јавуваат дека таткото и синот поминале „воена обука“ на Филипините. Сепак, оваа информација сè уште не е официјално потврдена.
„Причините поради кои заминале, целта и каде престојувале додека биле таму моментално се испитуваат“,
изјави полицискиот комесар на Нов Јужен Велс.
И филипинската армија соопшти дека во овој момент не може да потврди дека двајцата имале „воена обука“ додека престојувале во таа земја. Истрагата за нивниот престој на Филипините е во тек.
Според Би-би-си, таткото и синот биле приврзаници на групата „Исламска држава“ во Сиднеј, а симболи и знамиња со такви пораки се пронајдени во нивниот автомобил.
Австралиската Еј-би-си објави дека синот Навид Акрам е роден во Австралија, а пред повеќе од пет години бил испрашуван од полицијата за неговите блиски врски со терористичката ќелија на „Исламска држава“ со седиште во Сиднеј. Тогаш била направена проценка дека нема индикации за каква било закана или можност да биде вклучен во некаков вид насилство.
Таткото Саџид, пак, пристигнал во Австралија во 1998 година. Тој имал дозвола за огнено оружје за рекреативен лов и бил член на стрелачки клуб.
