Во однос на уставните измени, тој кажа дека Владата нема да влезе во тој процес без да бидат исполнети два клучни услови, кои мора да бидат, како што рече непроменливи. Првиот се гаранции од Европскиот совет за македонскиот јазик и идентитет и дека процесот ќе се води исклучиво врз основа на копенхашките критериуми и вториот – Софија да ги исполни своите обврски што произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Иницијативи за организирање билатерален состанок меѓу Македонија и Бугарија дошле од многу влијателни земји членки на Европската Унија, но пропаднале бидејќи од Софија немало никаков одговор.
Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Дневикот на ТВ Сител, додавајќи дека ако таков состанок не може да се закаже со официјални лица од Софија, тогаш како може да се зборува за гаранции дека уставните измени се последниот услов што треба да го исполни земјава за да продолжи со преговорите за членство во Европската Унија.

„Имаше иницијативи од многу влијателни земји членки на Европската Унија, па и многу влијателни политичари во Брисел, да се договори состанок на којшто на билатерално ниво ќе се разговара помеѓу министрите, еве да речеме за надворешни работи. Тие иницијативи, замислете, беа неуспешни. Од другата страна немаше никаков одговор“,
рече Мицкоски.
Говорејќи на темата, тој рече дека треба јасно да се каже дали станува збор за мултилатерален или билатерален проблем.
„Други, пак, велат – дали сте се обиделе вие да разговарате на билатерално ниво со официјална Софија. Во ред, луѓе, ајде да расчистиме. Дали е ова билатерален проблем или, како што велите, проблем помеѓу нас – Скопје, Софија и Брисел. Ајде да видиме дали е мултилатерален или билатерален. Ако е билатерален, тогаш ние сме во право. Станува збор за процес на билатерализација, а не копенхашки критериуми. Ако е така, да знаеме“,
рече премиерот.
Во однос на уставните измени, тој претходно кажа дека Владата нема да влезе во тој процес без да бидат исполнети два клучни услови, кои мора да бидат, како што рече непроменливи.
„Прво, мора да имаме јасни гаранции од Европскиот совет, во форма на заклучоци, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се неприкосновени и дека кога Македонија ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик ќе биде официјален. Исто така, процесот мора да се води врз основа на копенхашките критериуми, без нови билатерални прашања“,
рече тој.
Вториот услов, како што наведе, е Софија да ги исполни своите обврски, а кои произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Ако ние испорачуваме капитулации од претходни политичари, тогаш барем една работа треба да се исполни – регистрација на невладини организации, како ОМО Илинден Пирин, согласно 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права“,
кажа Мицкоски.
Во тој контекст, премиерот го повтори својот став дека нема да прифати процес без извесност за успешен крај.
„Граѓаните се фрустрирани, многу сме дале за интеграцијата – име, знаме, банкноти, неколку промени на Уставот. Секогаш кога ќе се исполни условот, доаѓа нов. Не можам повеќе да се изложам на такво нешто“,
изјави премиерот Мицкоски.
