Прославата на новогодишната ноќ ќе биде резервирана за настапи на македонските музички изведувачи, како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, „Куку леле“, „2 Бона“ и други
Со свечено осветлување на елката на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје и со отворање на божиќниот маркет денеска почнува предновогодишното празнување во Скопје. Секојдневно од 18 часот, до 31 декември, за граѓаните е подготвена богата празнична програма, со многу музички настани. За најмладите се посветени викендите.

На денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски заедно со неколку македонски пејачи ја претстави програмата за новогодишната прослава во главниот град.
Според него, целта е Скопје да се позиционира како современа европска метропола со континуирана и разновидна празнична содржина за сите генерации.
„Денеска во 18 часот во срцето на градот, на плоштадот ‘Македонија‘ свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен Божиќниот маркет, со што симболично означуваме почеток на празничните случувања во нашиот главен град“,
кажа тој.
Во периодот од 15 до 31 декември, од 18 часот, граѓаните ќе можат да уживаат во богата програма со музички настапи, диџеј-сетови и уметнички изведби.
„Скопје за првпат нуди континуирана и разновидна празнична програма за сите наши сограѓани. Секој викенд од 12 до 14 часот, содржините целосно се посветени за нашите најмлади, со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања. Во вечерните часови програмата е наменета за младите и возрасните, создавајќи топла празнична атмосфера“,
рече Ѓорѓиевски.
Централниот дел од програмата почнува на 27 декември во соработка со Државната лотарија на Македонија, каде ќе учествуваат и средношколски бендови од сите средни училишта од Скопје, додавајќи дека негова желба оваа година е сите настапи да бидат од македонски изведувачи.
„Има само една желба годинава, а тоа е сите настапи да бидат од наши македонски изведувачи, зашто тие не само што се познати дома, туку и надвор од нашите граници. Најдобро е кога се тука за Нова година и кога заеднички ја прославуваме на плоштадот“,
вели скопскиот градоначалник.
Прославата на новогодишната ноќ ќе биде резервирана за настапи на македонските музички изведувачи, како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, „Куку леле“, „2 Бона“ и други.
На 27 декември во 12 часот Дедо Мраз ќе ги пречека децата на плоштадот.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкав ќе биде трошокот на градот за ваквата прослава, тој рече дека единствен трошок е украсувањето, кое, како што додаде, изнесува помалку од 70 000 евра.
За тоа дали ќе има и албански изведувачи, кажа дека музиката не познава вера и нација и повика на обединување, посочувајќи дека програмата е наменета за сите скопјани.
„Ова ќе биде голем настан, со многу ѕвезди што со години наназад не сме ги имале на едно место“,
рече тој.
Најави дека и тој ќе ја пречека Новата година на плоштадот, заедно со сите присутни граѓани.
Според него, пристигнувањето на Новата 2026 година нема да биде одбележано со огномет. За иницијативата на Зелен хуман град за забрана на огномети, додаде дека Градот не е надлежен за ова прашање.
Главниот град ќе остане накитен до 18 јануари.
