Адвокатот на поранешен инспектор во Државниот пазарен инспекторат, Миле Ампов, го нападна Обвинителството во Кочани дека требало да реагира по допрен глас и да поведе постапка во „Пулс“ затоа што се знаело дека таму се собираат голем број деца. Со тоа, како што кажа, можела да се спречи трагедијата
Обвинителството врши лов на вештерки со обвинението за пожарот во „Пулс“, криејќи важни факти во овој предмет, рече во воведниот говор адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на обвинетиот поранешен инспектор во Државниот пазарен инспекторат, Миле Ампов.

Според него, Обвинителството манипулира со јавноста повикувајќи се на документи од 2012 година, додека во меѓувреме не се одговара на прашања за тоа кој го запалил објектот, кој ја внел пиротехниката и зошто нема вештачење на прскалките и кој ги затворил вратите на објектот на критичната вечер.
„Се посочува на сторители од кои никој не е тука. Зошто во обвинителниот акт нема податоци од безбедносните служби, односно сознанија за некакви дејствија тој ден“,
рече Шехтански.
Адвокатот го „нападна“ Обвинителството во Кочани дека требало да реагира по допрен глас и да поведе постапка во „Пулс“ затоа што се знаело дека таму се собираат голем број деца. Со тоа, како што кажа, можела да се спречи трагедијата. Шехтански рече дека во случајот не станува збор ниту за дискотека или за кабаре, туку за клуб. За неговиот клиент Миле Ампов, рече дека во 2012 година вршел надзор во фирмата „Класик“ со подружница кабаре „Пулс“. Надзорот бил вршен во октомври 2012 и Ампов утврдил дека објектот не ги исполнува условите.
„Правното лице ‘Класик’, не е меѓу обвинетите правни лица. Каков парадокс е тоа. Правното лице ‘Класик’ со подружница ‘Пулс’ во 2024 година со одлука на кочанскиот суд е во стечај и не постои. На фирмата ‘Класик’ сопственици се Дејан Јованов и Блажо Маринковски. Миле Ампов има вршено инспекциски надзор како инспектор на ДПИ на 29 октомври 2012 година и констатира дека не ги исполнува условите. По ова Министерството за економија има донесено решение со кое констатира дека ‘Класик’ со подружница кабаре ‘Пулс’ не ги исполнува условите. И толку“,
рече адвокатот.
Според него, „Пулс“ како кабаре работело до 9 февруари 2024 година. Ова, рече Шехтански, го нема во обвинението. Потоа, како што кажа, локалот продолжил да работи без дозвола како клуб „Пулс“ на друга адреса, но во ист објект како и кабарето „Пулс“.
„Во обвинителниот акт фигурира ‘ММММ кафе’ регистрирано во 2020 година кое има подружница клуб ‘Пулс’. Никаде нема дискотека. Управител е Александар Таратаковски, починат во настанот. Тоа значи дека во објектот има два правни субјекта кои немаат никаква врска еден со друг. И тука е проблемот, клубот нема лиценца, но нема кого да обвинат оти управителот е починат“,
рече Шехтански.
Тој додаде дека неговиот клиент не можел да врши надзор во 2024 година затоа што од 2022 година бил во пензија. Според неговиот адвокат, кривичноправната постапка треба да се води од 9 февруари 2024 година до критичната ноќ 2025 година, и зошто тогаш не бил вршел надзор.
Адвокатот Зоран Вилчанов, бранител на поранешната инспекторка Блашка Ефтимова, во воведниот говор кажа дека останува нејасно зошто е обвинета неговата клиентка. Инаку, Ефтимова по извршена контрола во 2012 година констатирала дека „Пулс“ ги исполнува минималните услови за вршење на угостителската дејност. Според адвокатот, делото за кое се товари Ефтимова е застарено и дека Обвинителството треба да ја прекине постапката. Во дополнение на воведниот говор, ексинспекторката рече дека контролата тогаш ја извршила професионално и утврдила дека тој ги исполнува условите за работа со капацитет за 170 гости.
Дека не постапиле спротивно на закон и дека професионално си ја вршеле работата кажаа и адвокатите на службениците во ДПИ, Весна Кузмановска и Емил Митев.
Покрај наводите дека ќе докажат оти неговата клиентка не ги сторила делата за кои ја товари обвинението, адвокатот Благоја Денковски рече дека е зачуден каде во целата приказна е ОЈО Кочани и зошто не презело ништо во врска со „Пулс“ по допрен глас ако се знаело дека не работи по закон.
Обвинетиот Емил Митев рече дека додека бил раководител во ДПИ, во четири наврати извршил контроли во „Пулс“. Раскажа дека за време на пандемијата во една од контролите бил присутен и тој. Рече дека објектот тогаш не работел, а по прегледот на документацијата видел оти лиценцата на „Пулс“ е истечена. Како што кажа, тој немал овластувања да составува записници. До немилиот настан додаде дека немал добиено известување оти таму се врши угостителска дејност. Известувањата требало да дојдат од самите инспектори, а тој да ги проследи до централата во Скопје. Во 2024 година, како што кажа, во два наврати му било одземено овластувањето да издава наредби за инспекциски надзор. За тоа побарал објаснување од централата на ДПИ, но одговор никогаш не добил.
„Немав дозвола за да издадам наредба за контрола во критичниот период, ниту сум бил известен дека објектот работи“,
рече Митев.
Неговиот адвокат на крајот од воведниот говор побара на неговиот клиент да му биде укината мерката куќен притвор, затоа што му се одразува врз здравјето. Тоа, како што наведе, може да биде причина за негово отсуство и непотребно одолговлекување на постапката.
