„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 проценти. И тоа само во 2024 година. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра“, велат од СДСМ
Семејна фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.
Со вакво обвинување денеска излезе опозицискиот СДСМ во рамки на проектот „Бомби 2.0“ во кој партијата најави дека ќе ги обелодени криминалните шеми на владејачката партија.

Според тврдењата што на денешната прес-конференција ги изнесе Саша Димитриевиќ од СДСМ, се работи за фирмата „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител е Слободан Кутановски, нивни близок роднина.
„Потоа се менува името на фирмата – ‘Сити аутсорсинг’. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила неверојатни 5 360 000 евра или вкупно 161 тендер. Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 проценти. И тоа само во 2024 година. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра“,
изјави членот на Централниот одбор на СДСМ, Саша Димитриевиќ, на денешната прес-конференција.
Димитриевиќ најави дека во наредниот период СДСМ ќе објави каде, освен, како што рече, во џебовите на фалимијата Томовски, завршуваат парите на граѓаните.
„За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Ние само што почнавме, а нашата ‘Нова сила’ нашиот Антикорупциски тим работи со полна пареа“,
додаде тој.
