Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ кога „немаат аргументи, кога фактите им се против нив, бега во фантазии и хорор-сценарија“. Во соопштението од владејачката партија велат дека „криминалците“ за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот

Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е одговорот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ дека ќе се отворат такви кампови.
Опозициската партија ги базираше своите тврдења на информации што ги пренесоа британските медиуми, според кои владата на Христијан Мицкоски официјално преговара со Велика Британија за депортирање одбиени баратели на азил во Северна Македонија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, обвинувањето дека ќе се градат кампови е уште една лага од „фабриката“ на СДСМ, партија за која велат дека пред „само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“.
„Денес, тие истите глумат загрижени патриоти“,
се додава во соопштението од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ кога „немаат аргументи, кога фактите им се против нив, бега во фантазии и хорор-сценарија“. Во соопштението од владејачката партија велат дека „криминалците“ за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот.
„Но, колку и да шират страв, вистината останува: Македонија денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада, а не од луѓе кои политиката ја разбираат како фабрика за лаги и криминално богатење“,
се додава во соопштението.
СДСМ во денешното соопштение обвини дека Мицкоски „ја продава државата“ и ја претвора во „мигрантски логор за ситни пари“, за што владата би добивала финансиски надомест од Британија за секој примен мигрант.
Во однос на овие обвинувања, владејачката партија упатува порака дека е најдобро СДСМ „да погледне во својот двор“.
„Тоа беше партијата што го направи најголемиот распад на институциите, најголемиот удар врз безбедноста и најголемата загуба на довербата во државата“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, свесното лажење со цел да се креира страв е опасно.
„СДС е во право само во едно: ова е прашање за опстанок. Но не на државата, туку на нивната партија, која повторно се потпира на страв, измислици и очајнички обиди да остане релевантна“,
додаваат од партијата.
Покрај соопштението од владејачката партија испратија и видео во кое британскиот амбасадот во земјава, Метју Лосон, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во мај годинава, ги демантира информациите што се појавија во некои медиуми дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти.
Во известувањата на британските медиуми за наводните преговри меѓу македонската и британската влада за примање мигранти од Велика Британија тука не се споменуваат кампови. Напротив, во нив се вели дека тие не би биле задржувани со сила, би можеле да бараат азил или работни дозволи во Македонија, и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат.
