Од партијата, во соопштението, потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ претходно има организирано протести против „измислени мигрантски кампови“, а сега ја спроведува „вистинската шема за нивно отворање“

По информациите објавени во британскиот медиум „Тајмс“, според кои владата на Христијан Мицкоски официјално преговара со Велика Британија за депортирање одбиени баратели на азил во Северна Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со реакција во која се вели дека Македонија се претвора во мигрантски камп, за пари.
Според СДСМ, премиерот Мицкоски е „предавник“ и „трговец“ со суверенитетот и безбедноста на државата.
Во реакцијата од СДСМ, во која го цитираат „Тајмс“, како реномиран медиум, се вели дека преговорите за депортирање на одбиени азиланти и отворање кампови почнале уште во раната есен.
„Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Партијата обвинува дека Мицкоски „ја продава државата“ и ја претвора во „мигрантски логор за ситни пари“, за што владата би добивала финансиска надокнада од Британија за секој примен мигрант.
СДСМ предупредува дека, според извештаите, мигрантите би имале можност да бараат азил и да работат во Македонија, што значи планирано трајно населување и отворање на пазарот на труд во градежништвото и други гранки.
Од партијата, во соопштението, потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ претходно има организирано протести против „измислени мигрантски кампови“, а сега ја спроведува „вистинската шема за нивно отворање“.
„Ова ли е патриотизмот, Мицкоски? Од денес ти си предавникот на македонскиот народ, трговец кој ги продава граѓаните и безбедноста затоа што му требаат пари. Зад завесите се случува најголемата политичка перверзија и предавство во историјата на државата“,
додаваат од СДСМ.
Спротивставувајќи се на ваквите, како што велат, тајни договори, СДСМ бара премиерот Мицкоски веднаш јавно да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори дали подготвува Македонија да стане „најголемиот мигрантски центар на Балканот за неколку милиони евра“.
Од СДСМ додаваат дека Мицкоски ја става Македонија на продажба и „ја претвора во мигрантска периферна зона на Балканот, земја без контрола, без достоинство и без иднина“.
Инаку, денеска дел од британските медиуми пренесоа дека Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата.
Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
Таблоидот „Дејли мејл“, повикувајќи се на информации од лондонски „Тајмс“, пренесува дека Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руско влијание.
Мигрантите што би пристигнале тука, додава весникот, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила. Тие не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат.
