Мигрантите што би пристигнале тука, додава весникот, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила. Тие не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат

Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата, пренесуваат дел британски медиуми. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
Таблоидот „Дејли мејл“, повикувајќи се на информации од лондонски „Тајмс“, пренесува дека Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руско влијание.
Мигрантите што би пристигнале тука, додава весникот, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила. Тие не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат. Истите информации ги пренесува и весникот „Сан“.
„Дејли мејл“ пишува дека поранешниот премиер Борис Џонсон разработувал ваква шема со африканската држава Руанда, а сегашниот прв човек на владата, Кир Стармер, најавил дека ќе ги урне тие планови, но наместо тоа, сега се обидува да спроведе слична шема. Во натписот се додава дека разговори за мигрантски центри се воделе и со Косово. Според „Сан“, пак, Босна и Херцеговина ја отфрлила таа можност, аргументирајќи дека прифаќањето нелегални мигранти од други земји било спротивно на нејзините национални интереси.
Велика Британија, пишува „Дејли мејл“, бара трети земји за во нив да ги депортира мигрантите што потекнуваат од држави каде што не е безбедно да се вратат, како, на пример, Авганистан. Таблоидот додава дека според сегашните правила, државјаните на тие земји знаат дека ако го преминат каналот Ла Манш и стигнат до Британија, ќе може да останат таму бидејќи властите не можат да ги вратат во земјата на потекло, и со тоа се охрабрувала нелегалната миграција.
Портпарол на Даунинг Стрит за весникот изјавил дека владата нема да дава коментари на темата „центри за враќање мигранти“.
Годинава, според „Дејли мејл“, 39 292 мигранти пристигнале во Британија со чамци преку каналот, што е втора највисока бројка по 2022 година, кога тоа го сториле 45 700 луѓе.
Според „Сан“, Германија и Данска исто така ги испитувале можностите да ги депортираат нелегалните мигранти во трети земји, а Агенцијата за бегалци на Обединетите нации рекла дека ќе ги поддржи тие планови ако со нив не се нарушуваат човековите права.
Премиерот Христијан Мицкоски, во мај годинава, одговарајќи на новинарски прашања, ги отфрли информациите дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти како дел од Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. Тој рече дека истиот одговор го има дадено и британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон.
Лосон на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, на која го претставија Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти.
Според него, суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, раст на економијата, работење заедно за заемна корист и на веќе одличното трговско партнерство.
