Ексминистерката за внатрешни работи деновиве повторно се најде во фокусот на јавноста откако соопшти дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отворил постапка по нејзината жалба за предметот „Тенк“, во кој беше осудена на четиригодишна затворска казна за набавката на блиндираниот „мерцедес“ за потребите на државата
Нејзината цел од поведената постапка пред Судот во Стразбур е таа да резултира со повторување на постапката пред домашните судови преку правично судење, а додава дека сатисфакција ќе претставува и понесувањето одговорност од страна на, како што вели, „главните актери кои беа вклучени во политичкиот прогон“
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вели дека судењето против неа за случајот „Тенк“ бил фарса, споредувајќи го со Нирнбершките процеси и судењата за време на Информбирото.

„Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права“,
вели ексминистерката во интервју за МИА.
Инаку, во Нирнбершките процеси, со кои Јанкулсоска ја влече споредбата за судскиот процес против неа, за кој беше осудена на четиригодишна затворска казна, им беше судено на високи членови на Нацистичката партија на Германија по Втората светска војна. Инфорбирото е исто така производ на случувањата по Втората светска војна, а го одразува обидот на тогашниот Советски сојуз да ја наметне својата контрола врз комунистичките земји од Централна, Југоисточна и Источна Европа.
Јанкулоска деновиве повторно се најде во фокусот на јавноста откако соопшти дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отворил постапка по нејзината жалба за предметот „Тенк“.
Според она што беше објавено во дел од медиумите, Судот во Страбурз побарал информации од надлежните во земјава во врска со одредени аспекти од судскиот процес за набавката на блиндираниот „мерцедес“, поради сомнеж дека постојат индиции оти на Јанкулоска ѝ било прекршено правото на фер судење во Македонија.
„Овој чекор на ЕСЧП како дел од процесот низ кој очекувам да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледам како еден логичен след на настаните. Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката. Сепак под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон обвинетите постапката се поведе. Но кога веќе таа постапка започна, исто така беше очигледно дека се води на еден брутален начин, надвор од сите процесни правила“,
вели ексминистерката за внатрешни работи.
Говорејќи за текот на постапката, таа вели дека во неа Судот наместо независен арбитер се поставил како партнер и консултант на обвинителството. Двете инстанци вели таа дејствувале заеднички со цел, како што вели таа, по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите.
„Така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права. Обвинителите од СЈО и одредени одбрани судии од кривичниот суд, ставени во функција на реализација на една политичка агенда која од денешнава временска дистанца е целосно демаскирана, беа недопирливи и можеа да прават се што ќе наумеа или можеби попрецизно би било да кажам се што им беше побарано“,
вели Јанкулоска, додавајќи дека овие прашања постојано ги отворале како одбрана пред домашните институции и јавноста, но наидувале на затворени врати.
По поднесувањето на апликацијата, односно жалбата до ЕСЧП и изразениот интерес од Судот во Стразбур, сега Владата, односно Бирото при Министерството за правда треба да одговори на барањата на Судот.
Прашана дали очекува коректност, Јанкулоска вели дека станува збор за специфична правна материја каде ској збор може да ја смени суштината и затоа секогаш треба да се биде внимателен. Нејзините очекувања се дека владиниот агент од Бирото за застапување пред ЕСЧП ќе се држи до професионалната етика и ќе постапува објективно и ефикасно во случајот.
„Имајќи предвид дека се работи за предмет со само еден обвинет, чии списи не се сложени и обемни, сметам дека владиниот агент не само што може да го испочитува рокот за одговор даден од ЕСЧП без пролонгирање, туку дека со оглед на добрата аргументација и квалитетните докази во прилог на апликацијата има простор објективно да се произнесе во разумен рок пократок од оној кој го дефинирал судот“,
вели Јанкулоска.

Нејзината цел од поведената постапка пред Судот во Стразбур е таа да резултира со повторување на постапката пред домашните судови преку правично судење, додека за евентуално материјално обесштетување таа вели дека тоа е за неа од второстепено значење.
Јанкулоска додава дека сатисфакција ќе претставува и понесувањето одговорност од страна на, како што вели, „главните актери кои беа вклучени во политичкиот прогон“. Тоа според ексминистерката е во насока да не се дозволи, преку неказнивост, да се повторуваат политички прогони и во иднина.
„За жал, за претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, за последиците на професионален план и најмногу за изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка, не постои компензација. Тоа е неправда и штета која е непоправлива, а последиците се трајни“,
вели Јанкулоска, која во еден дел од интервјуто говори за начинот на кој се водел судскиот процес.
На прашањето со што се занимава денес и како и минуваат деновите, ексминистерката вели дека нејзиниот живот сега е надвор од јавната сфера и многу различен од оној што го имала кога извршувала државна функција.
„На 50-годишна возраст сè уште ги откривам предностите на приватноста, ја одржувам интелектуалната кондиција и интересите ми се во рамките на мојата професија. Најважно од сè е што секогаш имам доволно време за семејството и блиските луѓе“,
вели таа на крајот од интервјуто.
Ексминистерката Јанкулоска за случајот „Тенк“, односно за набавката на блиндираниот „мерцедес“ од 600 000 евра за потребите на државата првостепено беше осудена во 2018 година, а четиригодишната затворска казна почна да ја издржува од септември 2020 година откако пресудата стана правосилна.
По три години и еден месец, таа на 1 ноември 2023 година излезе од затвор откако Апелацискиот суд во Скопје ја уважи нејзината молба за условен отпуст од натамошно издржување на затворската казна.
Во истиот случај е осуден и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.
