На новинарско инсистирање да одговори дали едно лице ќе биде и вицепремиер и министер за животна средина, Мицкоски одговори дека ќе биде и „министер за нешто“, сугерирајќи дека едно лице ќе преземе две функции

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека имињата на новите министри од коалицијата ВЛЕН, кои треба да ги пополнат испразнетите позиции во Владата, ќе бидат познати на почетокот на следната недела иако вчера рече дека до денеска ќе бидат утврдени, а предлогот деновиве ќе биде доставен до Собранието.
Тој потврди дека нема да има промени во распределбата на ресорите и дека политичките партии од коалицијата ВЛЕН ќе ги задржат портфолијата што ги имаа досега.
„Можам да кажам дека оваа недела ќе се знаат имињата, но она што е сигурно е дека оние ресори, оние портфолија, што беа до сега во Владата политичките партии што ја сочинуваат коалицијата ВЛЕН ќе ги задржат. Тука нема да има дополнителни промени и дополнителни сектори“,
изјави Мицкоски.
Одговарајќи на прашањата во врска со функциите кои ги извршуваше Изет Меџити – вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, и за тоа дали сега Владата ќе има уште еден министер, Мицкоски беше прецизен:
„Нема да има плус уште еден човек“.
На новинарско инсистирање да одговори дали едно лице ќе биде и вицепремиер и министер за животна средина, Мицкоски одговори дека ќе биде и „министер за нешто“, сугерирајќи дека едно лице ќе преземе две функции.
Премиерот, исто така, негираше дека има недоразбирања во редовите на ВЛЕН околу предлозите за новите министри.
Мицкоски беше прашан и дали ВМРО-ДПМНЕ на повторените избори во четири општини, што се закажани за 11 јануари, ќе настапи заедно со коалицијата во сите локални самоуправи.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за изборите на 11 јануари, но дека одлуката за заеднички настап со коалицијата допрва треба да се донесе. На 6 декември, рече Мицкоски, партијата има Конгрес и фокусот е таму.
За евентуални предвремени парламентарни избори на пролет, премиерот рече дека иако политички и теснопартиски тоа би било во интерес на ВМРО-ДПМНЕ, Владата се стреми да размислува државнички.
„Следната година ќе биде предизвикувачка, треба да се обезбедат 2,2 милијарди евра за да се вратат долгови од минатото. Ако би формирале техничка влада таа има лимитирани маневарски способности и ќе биде многу тешко да се размавнеме“,
истакна Мицкоски, додавајќи дека „шансите за такво нешто се многу мали“.
Фокусот, според него, останува на подобрување на економијата и условите за живот на граѓаните.
