„360 степени“ пред две години објави дека на терен има многу повеќе градби, отколку што Општина Чаир издала одобренија. Објавивме и дека во Општината се архивирале барања за легализација уште пред дивоградбите да почнат да се градат. Дополнително, никој не проверувал на терен – што всушност се легализира
Ексградоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, пак, годинава во јавноста излезе со факсимили од документи кои требаше да укажат на тоа дека легализирањето се правело со фалсификати. Обвинителството најави дека и во двата случаи ќе постапи

Проблематичните легализации во Чаир се обработуваат низ два предмета – едниот, по допрен глас, во Основното јавно обвинителство Скопје, а другиот, по пријава на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 кажа дека двата предмета се меѓусебно поврзани и дека најверојатно ќе се спојат. Вели и дека има доволно докази.
Коцевски: Тие два предмета најверојатно ќе се спојат или се споени, затоа што се и меѓусебно поврзани, има доволно докази, ќе видиме натаму како ќе се одвива. Значи, се водат два предмети во моментов, беа заведени два предмети.
360°: Ќе бидам малку индискретен. Ми се чини дека првиот предмет за којшто зборувате, по допрен глас, бевте пред одлука да го затворите без да имате осомничени, да не отворите истрага. Сега, според ова што го зборувате, како да не одите во таа насока?!
Коцевски: Видете, никогаш ние не сме рекле официјално дека ќе го затвориме предметот. Можеби тоа се гласини. Ние собираме докази до последниот момент, до донесување на јавнообвинителска одлука. Така што, изјава некаква или соопштение дека ние тој предмет ќе го затвориме, јас колку што се сеќавам…
360°: Не, јавно немало.
Коцевски: Ама видeте, едно е да има јавно, друго е постапката да се води онака како што треба.
360°: Имате ли потврдено фалсификати?
Коцевски: Видете, ништо не можам да ви кажам, затоа што ви реков, тие два предмета ќе видиме и кое обвинителство ќе биде надлежно да постапува.
360°: Добро, ќе биде интересно бидејќи и таму има засегнати луѓе блиски до актуелната гарнитура на власт.
„360 степени“ две години тековно истражуваше зошто во и онака густо населениот Чаир, се гради сѐ повеќе и сѐ погабаритно. Нашите проверки покажаа дека на терен има многу повеќе градби, отколку што Општина Чаир издала одобренија. Објавивме и дека во Општината се архивирале барања за легализација уште пред дивоградбите да почнат да се градат. Дополнително, никој не проверувал на терен – што всушност се легализира.
Епидемијата на дивоградби во Чаир годинава е видлива и од поинаков агол, преку излегувањата на терен на сега веќе поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа во јавноста излезе со факсимили од документи кои требаше да укажат на тоа дека легализирањето проблематично само по себе, се правело дури и со фалсификувани документи.
И за двата случаи, Обвинителството велеше дека се постапува, но епилог засега нема.
