Мамдани и Трамп се критикуваа меѓусебно, а за време на кампањата американскиот претседатeл го поддржа неговиот противник, Ендру Куомо
Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе се сретне со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани. Тој и официјално потврди детали за средбата, односно дека таа е закажана за 21 ноември (петок) во Белата куќа. Тоа ќе биде прва средба на републиканскиот лидер со демократскиот социјалист, кој победи на овогодишните градоначалнички избори во Њујорк.

Мамдани и Трамп се критикуваа меѓусебно, а за време на кампањата американскиот претседатeл го поддржа неговиот противник, Ендру Куомо.
Мамдани, пак, ги критикуваше политиките на администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и ограничувањето на имиграцијата и поддршката на САД за Израел за време на војната во Газа.
„Се согласивме дека оваа средба ќе се одржи во Овалната соба во петок, 21 ноември“,
објави Трамп.
Претходно, Мамдани соопшти дека неговиот тим контактирал со Белата куќа за да закаже средба.
„Мојот тим ја контактираше Белата куќа поради обврската што ја дадов кон жителите на Њујорк дека сум подготвен да се сретнам со секого, сè додека тоа е во корист на 8,5 милиони луѓе, што го нарекуваат градот за свој дом. Сакам да му покажам на претседателот што значи всушност да се залагаш за жителите на Њујорк”,
вели Мамдани.
Од неговиот кабинет изјавија дека оваа средба се смета за вообичаена за новата градоначалничка администрација.
На средбата ќе се разговара за јавната безбедност, економската сигурност и агендата за прифатливост.
За време на градоначалничката кампања, Трамп се закани дека ако Мамдани победи, ќе задржи милијарди долари федерално финансирање од градот.
Федералната влада на САД ќе обезбеди 7,4 милијарди долари за градот Њујорк во фискалната 2026 година, или околу 6,4 отсто од вкупните трошоци на градот.
Мамдани е првиот муслиман, првиот јужноазиец и најмладиот човек што во последните 100 години е избран за градоначалник на Њујорк.
