Главна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение, како што рече заменик-министерот за финансии, е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување
На денешната седница Собранието ја донесе одлуката со кој предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е одобрен и препратен на понатамошно второ читање.

Со овие измени ќе треба да се оданочуваат и евтините пратки од итернет-страниците за продажба, како „Тему“ или „Алие кспрес“, со вредност помала од 22 евра.
Оваа мерка треба да донесе одреден приход во даночната каса, но и ќе ги направи производите што се нарачуваат на „Тему“ значително поскапи и понеконкурнтни во однос на домашните производи.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски при образложување на предложениот текст пред пратениците рече дека се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија.
„Предлогот предвидува ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице, примач во земјава со вредност од 22 евра. Сепак, се предвидени од исклучоци од ова ослободување, односно даночно ослободување не се применува за одредени категории производи, како алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“,
вели тој.
Главна причина, како што рече, поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување.
„Сепак, се задржува можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ, што од социјален аспект е многу значајно“,
кажа заменик-министерот.
Со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.
Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ, смета дека ваквото законско решение треба да биде поддржано бидејќи на овој начин се воспоставуваат еднакви услуги за малите македонски трговци.
Според пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, ова законско решение треба да биде повлечено.
Смета дека наместо регресивна даночна политика што ја казнува сиромаштијата, буџетот треба да се полни со зголемување на даноците на добивка.
„Ова ништо позитивно нема да придонесе во Македонија од економски аспект. Ама, буквално ништо. Ако мислите да го наполните буџетот со оданочување на шноли, господин заменик-министер, мислам дека е нереално тоа да се очекува. Со ова ги задоволувате барањата на вашите геостратегиски стопани и тоа на директна штета на граѓаните што ве избрале. Ова е недозволиво“,
рече пратеникот од Левица.
