Дејн Кнехт, главен директор за технологија на „Клаудфлер“, на Икс упати извинување за непријатностите што им ги предизвикале на корисниците и посочи дека се работи на тоа во иднина да нема ваков прекин
Глобалниот прекин на мрежата на компанијата за веб-безбедност „Клаудфлер“ е решен по неколку часа, соопштија оттаму.

„Чет ГПТ“ и социјалната мрежа Икс се меѓу веб-страниците на кои им беше блокиран пристапот за корисници.
Проблемите што ги имаа многу веб-страници се предизвикани од прекин на гигантот за интернет-инфраструктура „Клаудфлер“, од каде што соопштија дека ја нашле грешката и инсталирале нејзина поправка која треба да им овозможи на системите низ целиот свет повторно да функционираат.
Проблемите започнаа околу 13 часот по источно време, а „Клаудфлер“ потврди околу 15 минути подоцна дека е свесен за проблемот.
Дејн Кнехт, главен директор за технологија на „Клаудфлер“, на Икс упати извинување за непријатностите што им ги предизвикале на корисниците и посочи дека се работи на тоа во иднина да нема ваков прекин.
„Накратко, латентна грешка во услугата што беше основа на нашите можности за ублажување почна да се урива по рутинската промена на конфигурацијата што ја направивме. Ова доведе до голема деградација на нашата мрежа и на други услуги. Ова не беше напад. Тој проблем, влијанието што го предизвика и времето за решавање се неприфатливи. Веќе се работи на тоа да се осигуриме дека нема да се случи повторно“,
напиша тој.

Инаку, проблемот зафати и повеќе македонски веб-страници, вклучувајќи медиуми, агретори на вести и институции.
„Клаудфлер“ го користат стотици илјади корисници низ целиот свет, кој дејствува како тампон меѓу нивните веб-страници и крајните корисници, работејќи на заштита на нивните страници од напади што би можеле да го преоптоварат со сообраќај.
Системот на „Клаудфлер“ неколкупати досега испаднал од функција.
„Клаудфлер“ обезбедува основни интернет-услуги, вклучувајќи заштита од кибернапади и алатки за одржување на стабилноста на веб-страниците при големо оптоварување.
Нивните услуги, кои обично се невидливи за крајните корисници, ги користат огромен број компании во светот, а дефектот во нивниот систем има далекусежни последици.
Ова доведе до паѓање на широк спектар на навидум неповрзани веб-страници, слично на она што се случи минатиот месец со техничките проблеми во „Амазон веб сервисис“ (Amazon Web Services).
