Пратеникот вели дека трагедијата во Кочани се „злоупотребува за некрофилско добивање политички поени“, нагласувајќи дека Анкетната комисија мора да биде проширена за „сите оние трагедии коишто го снајдоа овој народ“

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, вели дека неговата партија ќе ги прифати барањата на СДСМ и Левица за надзорна расправа и формирање Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани. Сепак, вели дека ова тело треба да биде проширено за да ги опфати и сите други трагедии во земјава.
Иако, првично ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е подобро да се почека завршувањето на судскиот процес за Кочани, Стојаноски денеска рече дека со оглед на тоа дека вчера и СДСМ и Левица „укажаа дека ќе поднесат такво барање, ние таквото барање ќе го прифатиме“.
Пратеникот вели дека трагедијата во Кочани се „злоупотребува за некрофилско добивање политички поени“, нагласувајќи дека Анкетната комисија мора да биде проширена за „сите оние трагедии коишто го снајдоа овој народ“.
Стојаноски рече дека во Собранието треба да се поставуваат прашања и за модуларната клиника, трагедијата со автобусот на „Дурмо турс“, и за тоа како превозници без лиценци, и покрај 60 поминувања на државната граница, довеле до загинување на луѓе.
„Да, ние ќе ја поддржиме ваквата Анкетна комисија, но и ќе бараме да биде проширена за сите трагедии за коишто за разлика од овој случај нема никаква ниту морална, ниту политичка, а ниту кривична одговорност“,
кажа Стојаноски.
Инаку, пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, најави дека како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието, следната недела ќе закаже посебна комисиска седница на која ќе се разгледува претставката од семејствата на загинатите во Кочани испратена преку „Здружението 16 март“.
Комисиската расправа која за следната недела ја најавува Апасиев е засебна од онаа што пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе биде иницирана од пратеничката група на СДСМ. Филипче вчера објави дека пратениците на СДСМ до Собранието денеска ќе поднесат предлог за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“.
