Мигрантите и возилото во кое биле превезувани, како што информираат од МВР, се сместени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека возачот и неговата сопатничка биле задржани во полициска станица и по консултација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка
Двајца државјани на Албанија вчера утрото биле уапсени на излезот од Гевгелија откако биле фатени при шверц на петмина мигранти од Сирија и Египет, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, вчера околу 3:30 часот на излезот од Гевгелија кон автопатот Гевгелија – Скопје, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ ги лишиле од слобода 27-годишниот М. Е. и пет години помладата В. Е., двајцата од Република Албанија, кои биле во патничко возило „фолксваген туран“.
Според краткиот опис на случајот, полициските службеници го забележале возилото со албански национални ознаки, како со голема брзина се движи во правец кон автопатот.
Автомобилот, зад чиј волан бил М. Е., бил запрено, а во негова близина полицајците пронашле петмина мигранти, од кои еден од Сирија и четворица од Египет.
Возилото и мигрантите, како што информираат од МВР, се сместени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека возачот и неговата сопатничка биле задржани во полициска станица, каде по консултација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Инаку, МВР информира дека во координирана акција на неколку полициски оддели е разбиена организирана криминална група што била инволвирана во шверц на мигранти и дека се поднесени кривични пријави против пет лица.
При преземањето на мерките, во местото Ресуљка, во близина на граничната линија помеѓу Северна Македонија и Србија, биле откриени два импровизирани кампови: Во камповите биле пронајдени вкупно осум илегални мигранти – двајца од Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца.
