Целта на Богески, како што рече, е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија за подобра и поефикасна работа

Денеска м-р Димитар Богески официјално ја презеде функцијата директор на Државниот архив на Македонија. Тој функцијата ја прими од неговата претходничка, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, на која ѝ упати благодарност за ангажманот и придонесот во изминатиот период.
За директорот Богески, како што се вели во објава на фејсбук-страницата на Архивот, оваа позиција не претставува привилегија, туку обврска со јасна цел работата на институцијата да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани.
Богески, се додава во објавата, е првиот човек на чело на оваа институција по долги години, кој доаѓа директно од редовите на вработените.
Со 19 години работен стаж, тој ги поминал сите скалила во институцијата, искуство за кое се смета дека е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците.
Новиот директор нагласи дека Архивот зазема значајно место во државата, како чувар на историјата и идентитетот на Република Македонија.
Целта на Богески, како што рече, е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија за подобра и поефикасна работа. Тој истакна дека пред сѐ е тука за вработените, кои се столбот на институцијата.
„Директорот Богески верува во заедничка и посветена работа, чија цел е Архивот да се издигне на повисоко ниво – како современа институција која ќе обезбеди дигитализација, поголема достапност на документите, зајакнување на научната и образовната улога, како и промоција на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност“,
се додава во објавата.
Државниот архив, додава директорот, останува институција која ја гарантира меморијата на државата и ја гради довербата на граѓаните. Со нова енергија и визија, тој ќе продолжи да биде темел на знаењето и мост кон иднината.
