Повторените избори се закажани за 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес го потпиша актот за одржување повторени избори за градоначалници во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа.
Повторените избори се закажани за 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
„Со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури“,
се наведува во изјавата од Гаши.
Претседателот на Собранието упати отворен повик до сите вклучени страни за професионално и транспарентно спроведување на изборниот процес.
„ДИК, општинските изборни комисии и набљудувачите да постапуваат совесно, транспарентно и професионално. Политичките субјекти и кандидатите да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности“,
додава Гаши.
Гаши упатува повик до граѓаните на овие општини за масовно да го остварат своето право на глас.
Во изјавата се нагласува дека повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет.
„Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“,
се додава во изјавата.
Државната изборна комисија (ДИК), објавувајќи ги првичните официјални резултати од локалните избори одржани на 19 октомври, информира дека во 43 општини во државата гласањето е завршено во првиот круг за избор за градоначалници, во 33 ќе има втор круг, а во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.
Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.
Во Гостивар одзивот е 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
