„Платежната агенција е посебно тело коешто одговара пред Владата. Значи, тука елиминирам секаква поврзаност на Платежната агенција со Министерството. Сите процеси коишто се внатре во Платежната агенција се водени од самата Агенција и бледи се нападите на опозицијата да го поврзат Министерството. Така што, тоа што го прават (од опозицијата) е повеќе за политички поени и видливост во јавноста“, вели министерот за земјоделство во интервју во „Дневникот“ на ТВ Канал 5
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ги отфрла обвинувањата на неговиот претходник во ресорот, Љупчо Николовски, и опозицискиот СДСМ дека е поврзан со случајот со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, кому му беше одреден притвор откако беше уапсен за земање мито.

Трипуновски во интервју за ТВ Канал 5, вели дека не чувствува одговорност за случајот и оти нема да поднесе оставка, а обвинувањата од СДСМ ги оцени како бледи обиди на опозицијата да го инволвира во случај за криминал.
За Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој вели дека посебно тело коешто одговара пред Владата.
„Значи тука елиминирам секаква поврзаност на Платежната агенција со Министерството. Вие знаете дека Платежната агенција работи согласно акредитирани мерки, согласно насоките од Брисел, согласно процедури, управувани од директор со свој менаџерски тим. Така што сите процеси коишто се внатре во Платежната агенција се водени од самата Агенција и тука бледи се нападите на опозицијата да го врзат Министерството со Платежната агенција. Тоа што го прават е повеќе за политички поени и видливост во јавноста“,
изјави Трипуновски.
Говорејќи за конкретниот случај, во кој меѓу петтемина осомничени за давање и примање мито е директорот на Платежната агенција, Трипуновски наведува дека одговорност во моментот треба да даде тој што фатен на дело за злоупотреба и прекршување на законите.
„И мислам дека таму ќе се води истрагата до крај, апелирам да биде до крај и сите коишто се евентуално инволвирани во целиот случај да одговараат. Само на тој начин ќе стопираме негативни тенденции, прекршување на закони и девијантни однесувања. Јас како ресорен министер ќе продолжам да се борам ваквите случаи да се санкционираат во целост. Само на тој начин ќе можеме да градиме доверба во институциите, што во минатото го немаше“,
кажа министерот.
Според Трипуновски, случајот со директорот на Платежната агенција, кој на функцијата беше поставен како кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, покажал дека Владата спроведува неселективна борба против криминалот, без разлика дали станува збор за актуелен или поранешен функционер.
Министерот упати апел до секој граѓанин кој има информации за некој друг случај со злоупотреба на средства од програмата ИПАРД веднаш да алармира, за надлежните да можат да постапат.
Ексминистерот за земјоделство и актуелен пратеник во Собранието од редовите на СДСМ, завчера во гостување во емисијата „Аргумент+“ на ТВ 24 рече дека првиот договор за доделување земјоделско земјиште што Трипуновски го потпишал кога стапил на функцијата бил за ќерката на директорот на Платежната агенција, Стоилев.

Инаку, Николовски и неговата партија деновиве излегоа со серија тврдења кои, како што велат, отвораат сомнежи дека случајот со директорот на Платежната агенција не е изолиран и дека сознанијата што ги имаат укажуваат дека злоупотребите со средства до ИПАРД-фондовите водат до Министерството за земјоделство и до врвот на власта. Поради тоа од опозициската партија побараа актуелниот министер за земјоделство да си поднесе оставка од функцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски пред три дена ги отфрли ваквите наводи како шпекулации и ја повика опозициската партија да не се затскрива зад прашања, туку да излезе со тврдења ако има докази.
Случајот стана видлив во јавноста откако Обвинителството соопшти дека по серија претреси на повеќе локации низ земјава, се приведени петмина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Во описот на случајот, од Обвинителството кажаа дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите за користење средства од ИПАРД-програмата, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице. Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната седница го разреши Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на партијата во Свети Николе.
По неговото апсење, државата донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата, а од Министерството за финансии известија дека тоа е направено за да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од програмата ИПАРД 3.
За одлуката, како што информираа од Финансии, била известена и Европската комисија, која го поздравила потегот за суспензија на средствата сѐ додека не се разјаснат околностите околу случајот.
